На крајот од вечерашниот дуел на јавниот сервис помеѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски, лидерот на СДСМ му подари на политичкиот противник македонско и знамиња на ЕУ и НАТО. Му подари и потпишан примерок од програмата на коалицијата „Можеме“.

„Ова е последно наше соочување, сакам на господинот Мицкоски да му дадам една програма потпишана од мене, Зоран Заев, и би сакал едно македонско знаме за да си ја сака татковината повеќе, едно знаме од НАТО каде јас со парламентарното мнозинство и народот успеавме да станеме земја-членка, и едно знаме од ЕУ која ќе биде наша заедничка цел како нација. Како што успеав со НАТО и донесов одлука за почеток на преговорите со ЕУ, така ќе успееме и ќе ја донесеме ЕУ“,
рече Заев.
Мицкоски, пак, се заблагодари и рече дека ќе ги постави во неговиот професорски кабинет.
„Благодарам. Ветувам дека знамињата бидејќи веќе се дел од мојот кабинет, ќе ги поставам и на универзитетот каде сум професор и тој кабинет да го украсат. Вие програмата на ВМРО-ДПМНЕ веќе ја добивте од Тимчо Муцунски, би било премногу да ви дадам и втора книга, се надевам имате многу да научите“,
рече Мицкоски.