„Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, вели експремиерот и поранешен лидер на СДСМ во објава на Фејсбук, која е прва во контекст на обвинувањата што владејачката партија ги упатува кон својот политички опонент во екот на кампањата за локалните избори
Поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, во ретка објава на социјалните мрежи денеска остро и категорично ги негираше тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, оценувајќи ги како лаги и клевети.

Имено, Мицкоски викендов во дел од своите обраќања на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на предизборниот караван за локалните избори, говорејќи за резолуцијата со „црвените линии“ што ја предложи актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.
Притоа, лидерот на владејачката партија додаде оти е логично да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“.
Ваквите тврдења експремиерот Заев вели дека се невистинити и оти се дел од очајните обиди на Мицкоски да го оттргне вниманието на јавноста од неговите неуспеси и да го пренасочи кон неговите измислици.
„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија. Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици“,
вели Заев во објавата на Фејсбук.
Во неа тој додава дека „кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери“.
„Оние за кои се фалеше дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, оние несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“,
додава експремиерот и поранешен лидер на СДСМ.
Инаку, ова е една од ретките објави на Заев на неговиот официјален фејсбук-профил, а прва во контекст на обвинувањата што владејачката партија ги упатува кон својот политички опонент, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, а во кои не толку ретко се споменува и името на екслидерот на оваа партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, работи по насоките на, како што го нарекуваат, неговиот ментор од Струмица и дека тоа е случај и со резолуцијата за „црвените линии“ што неодамна ја презентираше Филипче, а се однесува на позициите на земјава во однос на евроинтеграцискиот процес на земјава, а во контекст на односите и разговорите со Бугарија.

„Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДС за да излезат во јавноста со ваков предлог, па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии“,
праша Мицкоски од предизборниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово во саботата.
Предлог-резолуцијата на СДСМ вчера беше тема и на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на која тој, исто така, ги изнесе тврдењата дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, „своевремено земал куферче од Бојко“. Во таа насока, тој упати прашање до актуелниот претседател на опозициската партија „што зема сега Филипче за да ги продава националните интереси?“.