Вршителот на должноста премиер на Косово претходно на Фејсбук најави дека изборите во Северна Македонија ќе бидат во јули
Претседателот на СДСМ Зоран Заев и вршителот на должност премиер на Косово и претседател на Движењето Самоопределување Албин Курти денеска телефонски разговарале за ситуацијата со коронавирусот, за соработката на двете партии, како и за политичката состојба и изборите, соопштија од СДСМ.
Како што се наведува во соопштението, Заев и Курти заклучиле дека двете земји добро се справија со кризата предизвикана од коронавирусот и дека треба да продолжи соработката меѓу двете сестрински партии.
Во однос изборите, како што соопштија од СДСМ, Заев истакнал дека до крајот на оваа недела ќе се знае кога ќе бидат одржани изборите, истакнувајќи го веќе познатиот став на владејачката партија дека тие треба да бидат организирани во најбрз можен рок.
Курти претходно на Фејсбук повика да се одржат вонредни парламентрни избори во неговата земја, а како аргумент наведува тоа што неколку земји наскоро ќе организираат избори, меѓу кои и Северна Македонија за која вели дека ќе има избори во јули.

„Денеска се навршија два месеца од изгласувањето недоверба. На 25 март на здравствената се надодаде и политичка криза. Меѓутоа ние се изборуваме. Вчера беше првиот ден, од 13 март, без заразени од коронавирусот. Институционален грч? Не е вистина. Несогласувања има, но има и решение. Согласно нашиот Устав, потребни се нови избори. Тие веќе се одржуваат низ Европа. (…) Избори ќе има во јуни во Исланд, Франција и Србија, додека во јули во Северна Македонија, Шпанија и Хрватска. Треба да имаме (парламентарни) избори и ние во Косово, а и локални во Подујево. Дури, може и во исто време“,
напиша Курти.
