Премиерот вели дека жали што во Бугарија има техничка влада, а не политичка за да понесе одговорност. Уште еднаш нагласи дека се надева дека на 22 јуни ќе биде прифатена преговарачката рамка, кога е Советот на Европа, но ако тоа не се случи тогаш, верува дека ќе се направи чекор напред во август, септември или во периодот пред нас
За најавената средба со бугарскиот премиер Стефан Јанев, премиерот немаше потврда дека ќе се случи. Тој рече дека деновиве има повеќе закажани средби во Тирана, Виена, Истанбул и Париз, а се надева дека ќе се сретне и со бугарскиот премиер. Како што рече Заев, спремен е да оди во Софија и да помоли за решение
Компромисот со Бугарија е низ патоказот и секоја страна да си ги преземе своите обврски, ако македонскиот јазик и народ се за преговори тогаш не преговараме, изјави денеска премиерот Зоран Заев порачувајќи дека тоа го кажале јасно и во Брисел и секаде каде што требало.
Тој вели дека жали што во Бугарија има техничка влада, а не политичка за да понесе одговорност. Уште еднаш нагласи дека се надева дека на 22 јуни ќе биде прифатена преговарачката рамка, кога е Советот на Европа, но ако тоа не се случи тогаш, верува дека ќе се направи чекор напред во август, септември или во периодот пред нас
„Компромисот е дека секоја страна има право на своите ставови и да остави времето и историјата да ги решава. Компромисот е низ патоказот каде што секторски секој ќе си го земе гајлето, дека ние ќе забрзаме со железницата кон Бугарија, ама и Бугарија ќе забрза кон преминот Клепало кој ни треба. Тоа е компромисот. Македонскиот јазик и народ, отидовме и во Брисел и секаде каде што треба, ако се за преговори – не преговараме. Појасно од тоа не знаеме како да кажеме. Секое наше чувство е наше право, не само дали е тоа идентитетот или македонскиот јазик туку и корените и историјата на нашиот идентитет. Не чепкаме во ничии други корења и идентитети и не сакаме да ни чепне никој. Ги чуваме овде сите идентитети, сакаме и нашиот да биде сочуван! Бараме фер и реципроцитет за сите. Бараме Европа да биде Европа, ниту помалку ниту повеќе, а ние ќе продолжиме да испорачуваме аргументи за да не поддржува таа Европа“,
рече Заев.
За најавената средба со бугарскиот премиер Стефан Јанев, премиерот немаше потврда дека ќе се случи. Тој рече дека деновиве има повеќе закажани средби во Тирана, Виена, Истанбул и Париз, а се надева дека ќе се сретне и со бугарскиот премиер. Како што рече, спремен е да оди во Софија и да замоли за решение.
„Тоа е возможно да се случи во Софија. Пријателите може да ни помогнат, да развијат идеи, да бидат охрабрувачи. Но, ова е билатерално прашање и треба да се видиме, отворено е дали Софија, Скопје, Охрид – каде било да седнеме, да се видиме. Знам дека министрите за надворешни работи имаат комуникација, и премиерот Стефан Јанев изрази желба. Јас сум спремен да одам во Софија и да помолам за решение на прагматични основи“,
рече Заев.
На прашањето за што треба да молиме, Заев рече: „за европски манири и европски однос на сите наши соседи“. Треба „да помолиме“, според него, Бугарија да остане предводник на европските интеграции на Западен Балкан, како што во 2018 година организираше самит со кој го сврти вниманието на ЕУ кон регионот.
„Навистина, ако сме пријатели, јас често кажувам и браќа, браќата меѓу себе си помагаат, си подаваат рака и имаат разбирање еден за друг. Затоа и многу често кажуваме дека историјата е важна, треба да ја оставиме на историчарите, ние тоа треба да го потпомогнеме, но вратите на историјата треба малку да ги подзатвориме од аспект да дадеме шанса за иднината со отворање на прозорците на иднината оти ќе се створи промаја и ќе ни ја оддува сегашноста“,
рече премиерот.
Заев и денеска повтори дека португалскиот предлог за надминување на спорот е добра основа и нуди креативно решение кое е во согласност со праксата на ЕУ.