Подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции, вели Заев
Поранешниот премиер Зоран Заев реагира на обвинувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и бара јавно извинување од пратеникот Бране Петрушевски за како што вели, лагите, клеветите и злоупотребата на неговото име во „режирана драма“околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање.

Во објава на Фејсбук, Заев вели дека се неточни сите обвинувања кои владејачката партија ги упатува кон него во изминатиот период од пет години, откако тој се повлече од лидерската функција во СДСМ.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. А без никаков срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции“,
вели Заев.
Заев бара извинување во законски рок и најавува тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“,
порачува Заев.
