На лидерската средба стана јасно дека треба да го прифатиме првиот подготвен момент и да одиме на избори, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев по состанокот со партиските лидери и рече дека најдобар датум за избори е 14 јуни. До тогаш, вели, ќе има доволно време за да се запазат законските рокови за организација на фер изборен процес.
Заев рече дека државата не смее да да биде со нефунционални институции, а откако се искористиле сите механизми за свикување на Собранието, вели дека станало јасно дека закажувањето на изборите би биле 22 дена после завршувањето на вонредната состојба. Точниот датум би зависел од тоа дали и колку би се продолжила вонредната состојба.
„Ако нема трета вонредна состојба, избори би можело да има на 8 јуни. Ако се прогласи нова вонредна состојба од триесет дена, изборите би се одржале на 7 јули. Ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици, изборите би биле на 21 јуни, а ако има вонредна состојба уште една седмица би биле на 14 јуни.
порача Заев.
Се договоривме дека дури и изборите да бидат на 14 јуни има доволно време за да се испрати покана до ОБСЕ и да имаме набљудувачка мисија. Има доволно време да се запазат и роковите на ДИК околу прочистувањето на избирачкиот список“,
Заев посочи дека на средбата сите изразиле доверба кон здравствените стручни комисии и дека се усогласиле оти „ќе мора да живееме со коронавирусот“. Смета дека сите партии се стремат изборите да бидат на лето, но само опозицијата купувала време.
„Се согласивме дека исто така посакуваме да не се појави наесен нов бран на криза, но за тоа никој не може да гарантира. Тогаш можеме да заклучиме дека сите конвергираат кон летото за избори. Изборите се прогласени, тие се одлучени да се одржат. Сите треба да имаме одговорност дека есента е ризична и мора да имаме функционални институции, сепак опозицијата не беше спремна да разговара за датум. Секако им треба време, купуваат седмици буквално и за мене е е тоа разбирливо, но остануваме отворени да разговараме за датум прифатлив за сите и кој ќе биде согласно уставот и законите“,
порача Заев.
Лидерот на СДСМ додаде дека на лидерската средба било договорено Владата да побара одговори од ОБСЕ за тоа кога ќе можат да испратат набљудувачи за изборите, а претседателот на државата Стево Пендаровски да одржи средба со ДИК и да се усогласат ставовите околу законските рокови за проектирање за можниот датум за избори. Здравстените власти ќе треба да изготват протоколи за тоа како би изгледало гласањето под заштитни мерки.
Претседателот на СДСМ изрази надеж дека на следната лидерка средба ќе има согласност за утврдување на датумот за избори.