Премиерот Зоран Заев денеска преку видео-конференциска врска разговараше со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, на негово барање.

Како што соопштија од владината прес- служба, Заев и Вархеји разговарале за подготовката на економско-инвестицискиот план за Западен Балкан, соседската политика и за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција со Европската Унија.
„Еврокомесарот Вархеји истакна дека Европската Комисија останува посветена на помошта и во човечки ресурси но и финансиски кон Северна Македонија. Во моментов траат последните подготовки околу економско-инвестицискиот план, чија цел е намалување на финансискиот јаз помеѓу Северна Македонија и Европската Унија. Во планот се предвидени речиси 9 милијарди евра за регионот од Западен Балкан“,
се вели во соопштението.
Заев се заблагодарил за поддршката од ЕУ во борбата со корона- кризата и ги презентирал приоритетите на Владата во следниот четиригодишен мандат: реформите во безбедносниот систем, јавната администрација и правосудството и отворениот дијалог со сите општествени чинители вклучувајќи ја и опозицијата за сите клучни прашања и реформи, се истакнува во соопштението.
