Признанието за постигнувањето на Преспанскиот договор требаше да им биде доделено на лидерите на СДСМ и на Сириза во Грција на 19 септември, но, поради пандемијата со ковид-19, организаторите одлучија да го одложат настанот
Наместо во септември годинава, на лидерите на СДСМ, Зоран Заев, и на Сириза во Грција, Алексис Ципрас, следната година ќе им биде доделена Мировната награда на Вестфалија, со која им се оддава признание за постигнувањето на Преспанскиот договор во јуни 2018 година, кога тие беа на чело на владите во своите држави.
Наградата првично требаше да им биде доделена на 19 септември, во рамки на Самитот во Минстер, каде што на посебна панел-дискусија требаше да се обратат двајцата поранешни премиери. Но, поради пандемијата со ковид-19, организаторите одлучија да го одложат доделувањето на наградата за 2021 година. Како алтернативни датуми се разгледуваат 28 август или 2 октомври 2021 година.
„По внимателна проценка и со тешко срце бордот на директори на Економската заедница на Вестфалија и Липе одлучи да ја одложи овогодинешната церемонија поради пандемијата на коронавирусот“,
појасни Рајнхард Зинкан, претседавач на Заедницата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, веќе се согласи да одржи говор во чест на Заев и Ципрас.
„Од аспект на безбедност за одржување поголеми настани, едноставно немаме соодветни услови за одржување на ваква церемонија на потребното ниво, како што досега беше пракса“,
истакна Зинкан.
Добитниците на наградата биле телефонски контактирани и тие, како што се наведува во соопштението, изразиле жалење, но и разбирање за одложувањето. Заев изјавил дека тој е мошне почестен од наградата и дека таа во македонската јавност е перципирана како мошне важен сигнал.
„Алексис Ципрас и Зоран Заев постигнаа дипломатски подвиг со постигнатиот договорот за повеќедеценискиот конфликт околу името на Македонија, давајќи многу значаен придонес за стабилноста на целиот балкански регион“,
изјави Зинкан кога ги прогласи Заев и Ципрас за добитници на наградата што е воспоставена пред повеќе од две децении, а што досега ја добиле Кофи Анан, Хелмут Кол, Вацлав Хавел…
