Заев најави дека наредниот петок ќе има состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, со кои ќе испратат заедничка покана и Косово да се вклучи во засилената регионална соработка
Премиерот Зоран Заев и неговиот косовски колега Авдулах Хоти денеска во Скопје разговарале за унапредување на економската соработка и комуникацијата помеѓу двете земји, а една од темите на разговорите било и автопатското поврзување на Скопје и Приштина, за што треба да се изгради делот од македонската страна на границата.

Заев рече дека тендерот за првата делница е завршен, а за втората треба да се заврши со документацијата и експропријацијата на земјиштето.
„Ако го завршиме тоа, почетокот или првото тримесечје на 2021 ќе се стартува со комплетна реализација. Верувам дека за 2,5 години, со современи и добри механизации, може да се стигне и да се изгради автопатот“,
рече Заев.
Кога ќе биде готов автопатот, патувањето од Скопје до Приштина ќе биде за 45 минути.
Премиерот кажа и дека дале насоки за да се подготви проектна документација за поврзување на Скопје и Приштина со природен гас, за „оне стоп шоп“ (граничен премин со едно запирање) на македонско-косовската граница, како и да се заврши документација за идни проекти за поврзување на Тетово и Призрен.
На средбите помеѓу двете делегации се зборувало и да се разработат планови за развој на туризмот на Попова Шапка.
Заев најави дека наредниот петок ќе има состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, со кои ќе испратат заедничка покана и Косово да се вклучи во засилената регионална соработка.
„Очекуваме Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот без разлика на отворените политички прашања. Следниот петок ќе имам состанок со Вучиќ и Рама каде една од точките ќе биде токму тоа со намера да испратиме заедничка покана. Ова е пред сè, од интерес на нашите граѓани, првенствено за имплементација на четирите слободи на ЕУ: слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал“,
рече Заев.
Тој го поздрави и договорот кој Хоти го потпиша со Вучиќ во Вашингтон и рече дека го поддржува дијалогот во рамки на ЕУ за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина.

И Хоти во дел од неговото обраќање ги поздрави иницијативите за регионална соработка и рече дека очекува да се конкретизираат на Самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес.
„Очекувам Самитот во Софија кој е организиран од вас и Бугарија да биде успешен за регионот конкретизирајќи некоја од иницијативите кои вие ги започнавте во претходниот мандат. Иницијативите да бидат како основна база и еднакви за балканските земји. Очекуваме повторно да се сретнеме на самитот во Софија“,
рече Хоти.
Двајцата премиери најави дека наскоро, кога ќе дозволат условите, владите на Северна Македонија и Косово ќе одржат и заедничка седница.