На средбата со претставници на Европската инвестициска банка, како што се посочува, најавени се нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во 2021 година
Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на Северна Македонија со поддршка на проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата. Посебен акцент е ставен на малите и средни претпријатија, како и за проекти од „Зелената агенда„ за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализација,мкако дел од програмата што произлегува од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.
Како што соопштија од Владата, ова е заедничкиот заклучок од средбата на претседателот на македонскиот премиер Зоран Заев и на министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателот на ЕИБ Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.
Според информациите од Владата, ЕИБ е подготвена да ја прошири својата соработка со македонските власти и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел.
На средбата во Луксембург, како што се посочува, најавени се нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во 2021 година.
До денеска, ЕИБ инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во земјаваподдржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.
„Ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија. Сè на сè, одличен почеток на работната посета на Луксембург, со охрабрувањето што го добивме од врвот на банката за сите наши планови во пост-ковид периодот и за нашиот план за рестарт на економијата и за враќање на развојните трендови кои ЕИБ“,
изјави Заев
Хојер вели дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија за што побрзо да се опорави од пандемијата и да напредува на својот пат за пристапување во ЕУ.
„Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Со Заев споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската комисија. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ја поздравува силната посветеност на премиерот Заев за поддршка на распространувањето на ‘Зелената агенда’ и јас сум задоволен што гледам напредување на зелените инвестиции за Северна Македонија“,
потенцираше претседателот на ЕИБ Хојер.