Од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, е заклучокот од денешниот состанок, пред утрешната одлука околу очекуваното олеснување на рестрикциите
Во пресрет на верските празници, од голема важност е дисциплината и индивидуалната одговорност на верниците и на граѓаните, во делот на почитувањето на важечките протоколи, како што се носењето маска на отворен и на затворен простор, држење дистанца, негрупирање, присуството во внатрешноста на верските објекти да не е поголемо од 30-процентна исполнетост на капацитетот, е заклучокот од денешната средба на владини претставници со поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ.
На средбата, како што соопштија од Владата, присуствувале премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер , Артан Груби, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски, како и поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи.
На состанокот е констатирано дека преземените мерки за заштита на јавното здравје дадоа резултати, што го покажува намалувањето на бројот на заболени лица и на граѓани кои имаат потреба да бидат згрижени во болниците, со што се создаваат и можности за поспокојно одбележување на верските празници Велигден и Рамазан Бајрам.
Изразен е заеднички став дека ваквата ситуација не значи и опуштање, поради што Владата и верските лидери на МПЦ-ОА и на ИВЗ апелираат до сите граѓани и понатаму да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што од тоа ќе зависи и дали ќе има нови олабавувања на мерките и на полицискиот час.
