Грција ќе биде еден од главните лобисти за успешен старт на првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство со Советот на ЕУ, со која ќе стартува процесот на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Вакво уверување искажал премиерот Зоран Заев денеска на средбата со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.
Заев и Сакеларопулу се сретнаа во рамките на неговата дводневна работна посета во Атина, а е придружуван и од вицепремиерите за економски и европски прашања, Фатмир Битиќи и Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Беше оценето дека Договорот од Преспа, освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство, и денеска Грција е силен поддржувач на Република Северна Македонија во нејзиниот процес за интеграција во ЕУ“,
се вели во соопштението на владината прес-служба.
Блиската соработка со Грција, оцениле соговорниците, беше од клучна важност и за членството на С Македонија и како сојузник во Алијансата, но и сега како задолжена за чување на небото над нашата земја.
„Заев и Сакеларопулу разговараа и за потенцијалите за проширување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји која треба да биде поттикната и од вториот состанок на Советот за соработка на ниво на влади во Атина на кој ќе се разговара за натамошното имплементирање на акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката помеѓу Република Грција и Северна Македонија, како што е предвидено во Договорот од Преспа“,
се додава во соопштението.