Премиерот вели дека верува оти мерките за заштита од ковид-19 ќе дадат резултати и најави финансиска помош за музичарите, приватните градинки, превозниците…
Ниту Владата ниту Комисијата за заразни болести не разговара за воведување полициски час и карантин, но не смее да се исклучи и таа можност, порача на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Тој порача дека верува во одговорноста на граѓаните и апелираше Собранието да ги донесе новите мерки за заштита.
„Знаете дека сме против целосно затворање, полицски час и карантин, но не смееме да ја исклучиме таа можност. Словенија гледам од 21 полициски час воведува, ние немаме уште разговарано за таа работа. Се надеваме дека свесноста кај граѓаните ќе биде поголема за личната одговорност и почитување на мерките оти тоа најмногу помага. Апелирам да не се блокираат мерките, бидејќи секоја мерка има свое влијание. Во моментов нема законска можност Владата да ги донесе, бидејќи законот е во Собранието, мерките се јавно кажани и луѓето ги знаат и ги почитуваат, само мал број за жал се уште не ги почитуваат, а за да може да се постапува против нив, законот мора да биде донесен“,
порача Заев.
На новинарско прашање дали државата може да си дозволи нов „локдаун“ со оглед на извештајот на Светската банка која посочи дека поради ковид-кризата земјава се соочува со најдлабоката рецесија во изминатите две децении, Заев изрази уверување дека владините мерки ќе бидат од помош за стопанството.
„Сите сме уплашени за влијанието на економијата и тоа од почетокот на кризата, секако дека приоритет ќе биде здравјето на на граѓаните, па економските влијанија кои ги трпи државата. Дизајнираме мерки за секој денар да се насочи кајшто треба. Економски стоиме комплетно. Граѓаните, работниците и стопанствениците треба да знаат дека има држава која е подготвена да направи се за им помогне“,
порача Заев.
Премиерот најави и дека Владата подготвува мерки за финансиска помош на музичарите, приватните градинки и превозници и како што рече, сите кои досега побарале помош.
„Државата ќе помогне на стопанството и сите заедно ќе ја пребродиме оваа зима“,
рече Заев.
Новите мерки за ковид-19 се последен чекор до полицискиот час, предупреди претходно министерот за здравство Венко Филипче, откако Комисијата за заразни болести предложи економските оператори да работат до 23 часот, јавниот превоз да работи со половина од капацитетот, а државната и јавната администрација да работи со ротација или онлајн.
Дополнително, во Собранието треба да поминат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, во кои се вметнати препораките за носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот и ограничување на семејните собири.