Премиерот Зоран Заев побара поактивно вклучување на Европската комисија во деблокирањето на процесот за отпочнување на пристапните преговори на С Македонија кон ЕУ. Во рамките на денешните работни состаноци во Брисел, меѓу нив и со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, премиерот Заев порача дека идентитетски прашања не смее да бидат на масата за разговори.
На средбата, на која присуствуваа и заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Заев нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека С Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
„Македонскиот идентитет, освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“,
порача Заев на средбата со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен.
Тој додаде дека С Македонија ги спроведе сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
„На средбата со премиерот Заев, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен потврди дека ЕК ќе вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што рече таа, ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ, и дека таа се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање“,
соопштија од владината прес-служба.