„30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија. Тоа е денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа“, вели поранешниот премиер.
Поранешниот премиер Зоран Заев, во објава на Фејсбук, потенцира дека денешниот ден, 30 септември, бил важен во современиот развој на Северна Македонија бидејќи на денешен датум 2018 година, како што пишува тој, „македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, за долготрајно пријателство со соседна Грција“.
„610 000 граѓани гласаа ‘за’ на референдумот и ја поддржаа каузата „Излези за европска Македонија’, што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ‘за’ е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата“,
пишува Заев.
Осврнувајќи се на опозицијата, која како што вели, го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излегоа масовно и гласаа за да ја внесат земјата во НАТО.
„Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО“,
пишува поранешниот премиер во неговата објава.
Сега, вели тој, државата е исправена пред нов политички предизвик.
„Пет години по референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор“,
стои во објавата.
Тој повикува на одговорност и постапки во, како што вели, поволен геополитички момент.
„И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година. #МКвоЕУ“,
напиша Зоран Заев на Фејсбук.
Референдумот формално започна на 29 септември, кога најпрво гласаа болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во домашен притвор, како и дијаспората, а на 30 септември сите други граѓани на Македонија.
На референдумот гласаа 36.91 % од населението, односно 666 743 граѓани. Од граѓаните што излегоа на гласање, „за“ заокружија 609 813 граѓани, а „против“ беа 37 700 граѓани.