Илјадници амандмани поднесоа за да не стигне економската помош кај граѓаните, за да не се гради нов Клинички центар, за недела да не биде неработен ден за работниците. Но, колку и да блокираат, кога се малцинство, не му можат ништо на народот, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во видео-обраќање
Претседателот на владејачката СДСМ, Зоран Заев, вели дека во нивната програма за претстојните локални избори нудат развој на општините и подобар живот. Тој повика да се гласа за градоначалници и советници кои ќе соработуваат и ќе реализираат проекти, а не за оние кои ќе блокираат и кочат.
„СДСМ подготви проекти и кандидати кои можат најдобро да сработат за развој, за соработка, за подобар живот во секое маало, секое село, секој град, секоја наша општина, во целата наша убава татковина. Напредокот и развојот на општините е можен и изводлив само преку соработка. Соработката меѓу градоначалникот, членовите на локалниот совет и централната власт е клучна и нужна за да продолжи развојот на општините кои одлучиле да одат напред. Развојот на општините сериозно зависи и од локалните совети“,
вели Заев во обраќање преку видео-порака.
Тој повикува да не се дозволело за партиски интереси да се закочат развојот и напредокот на општините.
„Да не ризикуваме, бидејќи од другата страна се закануваат блокади. Ако кога од спротива имате закана со блокада, нема подобро решение од тоа да гласаме ‘за’ соработката меѓу најдобриот кандидат за градоначалник и најдобрите кандидати за советници. Затоа, ве повикувам, во недела, да гласаме за градоначалници и советници кои ќе соработуваат и ќе реализираат проекти, а не за оние кои ќе блокираат и кочат. Да гласаме за развојот што го нудат советите на СДСМ, а не за блокадите со кои се заканува ВМРО-ДПМНЕ“,
вели Заев.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието со илјадници амандмани ја блокирале економската помош за граѓаните.
„Илјадници амандмани поднесоа за да не стигне економската помош кај граѓаните, за да не се гради нов Клинички центар, за недела да не биде неработен ден за работниците. Но, колку и да блокираат, кога се малцинство, не му можат ништо на народот. Затоа, Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат малцинство во советите. Блокадите повторно да бидат поразени. Гласајте за советници кои ќе бидат одговорни кон својот народ, кои ќе иницираат и нема да блокираат соработка со централната власт. Сите заедно да кажеме ‘не’ за блокаторите“,
вели Заев.