СДСМ вели дека браната во Речани е од важно значење за Кочанскиот Регион, додека пак ВМРО-ДПМНЕ реагира дека тоа е проект кој тие го започнале
СДСМ е посветен на изградба на крупни капитални проекти што ќе донесат долгорочни позитивни ефекти за подобар живот на сегашните и идните генерации, изјави денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев, при посетата на локацијата каде што се гради браната „Речани“ како дел од хидросистемот „Оризарска река“.
Според Заев, има значителен напредок во изградбата на браната, која, потенцираше, е инфраструктурен проект од големо значење за Кочанскиот Регион, особено за плодното Кочанско Поле.
Браната, наведе Заев, годишно ќе собира 22 милиони кубни метри вода, што е еквивалент за 80 илјади жители и ќе придонесе за навремено и квалитетно снабдување со вода на третина од земјоделските површини во кочанско, а преку две мали хидроцентрали ќе се произведува и електрична енергија. Вредноста на инвестицијата е 30 милиони евра.
„Идејата за оваа огромна брана датира од 60-тите години на минатиот век. Патот го изгради Министерството за земјоделство, а висината на браната ќе биде над 80 метри. Покажавме на дело дека и во вонредни услови со целосно почитување на препораките за заштита продолжуваат интензивно градежните работи за изградба на значајни инфраструктурни проекти. Низ целата држава забрзано се градат крупни капитални проекти од витално значење за граѓаните и државата“,
рече Заев.
ВМРО-ДПМНЕ реагира дека СДСМ во недостиг на свои проекти во овие три години власт се фали со проекти што ги отпочнала власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Браната ‘Речани’ во Кочанскиот Регион е отпочната уште во 2015 година кога беше почната тендерската постапка, по што беше избран изведувач и беше отпочната изградбата. Овој капитален проект без срам Заев се обидува да си го припише на себе бидејќи во овие три години власт не успеа да реализира ништо друго освен криминал, корупција и рекет. Тоа што го ветуваа во 2016 година остана само една голема лага. Ветуваа гасификација до крајот на мандатот, ветуваа 600 километри автопат, ветуваа двојно поголема плата на сите здравствени работници, 100 илјади денари плата на лекарите, минимална плата од 16 илјади денари, приходи во секое семејство од најмалку 1 000 евра и редица други лаги кои сега ги надградиле и пак се обидуваат да го прелажат народот“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.