Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев упати честитка до г.г. Стефан, архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА, целото свештенство и монаштво и до сите граѓани во нашата држава и странство, по повод христијанскиот празник Рождество Христово Божик.
Во честитката, премиерот Заев подвлекува дека Христовото раѓање ја симболизира победата на доброто над злото, заедништвото и значењето на одржувањето на семејната хармонија и безусловна љубов.
„Овие празнични денови нека ви бидат исполнети со добро здравје и духовен мир, водени од надежта дека Бог е со нас и славејќи ја радосната вест за неговото раѓање. Светлината на раѓањето на Господ Исус Христос, ја пренесува до нашите срца пораката за почитување на ближниот, за солидарност, правење добри дела и пружање помош на секое човечко битие. Токму во заедништвото и дарувањето безусловна љубов е нашата заедничка сила, нашата надеж дека создаваме благосостојба, сигурност и единство за секого подеднакво. Со пораката „Христос се роди!“, да продолжиме да ги негуваме заедничките вредности, да си посакаме мир, спокој и радост во срцата, да празнуваме заедно со најблиските. Честит Божик!“,
пишува во честитката премиерот Зоран Заев.