Премиерот Зоран Заев преку социјалните мрежи упати порака до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се преиспитаат и да не ја блокираат работата на Собранието.
Тој прашува, дали е поважна послушноста кон лидерот Христијан Мицкоски од граѓаните.
„Обидите да се блокира работата на Собранието, во услови на светска пандемија од КОВИД-19, не е политика. Тоа е опасно, срамно и неодговорно однесување. Очигледно Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, отсуството на свој став, мерка, предлог или политика сакаат да го надоместат со тоа што ќе предизвикаат штета на граѓаните, во време кога им е неопходна помош од државата. Се обидуваат да блокираат носење на закони среде пандемија со коронавирусот, меѓу кои и оние за ваучерите од 6 000 денари, за помош на пензионерите, самохраните родители, слободните уметници и филмски работници, како и мерките за помош на лозарите“,
вели Заев.
Тој апелира да се повлечат од бесмисленото ставање сопки и кочење на работата и да овозможат, како и насекаде во светот, парламентот да работи онлајн.
Паралелно Заев порачува дека тие како власт се решени да се продолжи со реформите и поддршката во кризата и затоа граѓаните ќе добијат и функционално Собрание.
Токму блокирањето за онлајн работа на парламентот, беше последната од низата активности со кои опозицијата се спротивстави на предлозите на владејачкото мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со опозициските партии Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица поднесе 3 000 амандмани на предлогот за измена на Деловникот за работа, со кој се овозможува пратениците кои се позитивни на ковид-19 или имаат решение за изолација, да може да се вклучат онлајн во работата на законодавниот дом.