Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска уште еднаш ја отфрли идејата за предвремени парламентарни избори и го повтори ставот дека изборите треба да бидат редовни за да не се кочи економијата и нормалното функционирање на државата.
Изборите нема да променат ништо, тврди тој, но ако има, би му дале поголема комоција затоа што според неговите калкулации, наместо сегашните 46, неговата коалиција би имала 50 пратеници.
„Tреба да има редовни избори затоа што тоа е добро за државата. Ако има избори сега, наместо 46 пратеници, ние ќе имаме 50, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40. И веројатно ќе ми е полесно и како претседател на Влада и сè, но ќе изгуби државата најмалку 6 месеци. Дефинитивно, предвремени парламентарни избори не ѝ требаат на државата, апсолутно го тврдам тоа бидејќи апсолутно ништо нема да промени освен да ја закочи државата“,
изјави Заев.
Тој е уверен дека никој од неговите коалициски партнери нема да премине во таборот на Христијан Мицкоски, кој се залага за блокирања, одложувања и кочења на државата.
„Кој тоа од коалициските партнери на Заев верува во тоа? Нема таков. Истовремено, дали од неговите коалициски партнери и пратеници веруваат во ваквите политики и проекти, е исто така гаранција дали ќе помине од опозицијата во владејачкото мнозинство“,
рече Заев коментирајќи ја најавата на Мицкоски за ново парламентарно мнозинство.
Заев го коментираше и превирања помеѓу Партијата за движење на Турците и СДСМ на локално ниво, поточно во Радовиш, каде што коалицискиот партнер реши да ја напушти коалицијата со социјалдемократите. Премиерот е уверен дека лидерот на оваа партија, Енес Ибрахим, кој е и пратеник во Собранието, нема да излезе од коалицијата на централно ниво.
„Господинот Енес и турската партија се долгорочен и стабилен партнер на СДСМ. Секогаш е опција на партиите како ќе настапат во пресрет на следните избори. Локалните избори понекогаш давале можност самостојно да настапиме, да одиме заедно во коалиција итн. Досега со Партијата за движење на Турците сме настапувале заедно и така во иднина ќе се трудиме да биде. Но, можеме да правиме и локални избори каде што сами би настапиле, а постизборно би направиле коалиции. Дали ќе ја напушти коалицијата на ниво централна власт и парламентарно мнозинство, убеден сум и сигурен сум дека тоа нема да се случи“,
изјави Заев.