Дел од проектот се и Северна Македонија и Бугарија. Целта на историчарите од 13-те земји е да се покаже дека секоја приказна има повеќе гледишта, поддржувајќи го критичкото размислување и развивајќи разбирање за тоа како се создава историјата. Како што велат, ништо не е табу во заедничките учебници по историја – тие вклучуваат сè, од политичкото лице на диктатурата и репресијата до кризите во 70-тите и 80-тите, и распадот на Југославија

Заедничката историска читанка што ја создадоа 13 земји од Југоисточна Европа доби нов дигитален дом. Достапна е на веб-страницата http://www.jointhistory.net/ и може да се преземе бесплатно на девет јазици.
Станува збор за збирка од историски избори од сите 13 држави кои се собирани за периодот до 1998 до 2016 година од страна на повеќе од 100 историчари и 300 наставници.
Меѓу државните кои се дел од овој проект се и Северна Македонија и Бугарија, а останатите историски избори се од: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.
Целта на историчарите е да покажат дека секоја приказна има повеќе гледишта, поддржувајќи го критичкото размислување и развивајќи разбирање за тоа како се создава историјата.
Како што велат, ништо не е табу во Заедничките учебници по историја – тие вклучуваат сè, од политичкото лице на диктатурата и репресијата до кризите во 70-тите и 80-тите, и распадот на Југославија.
Новата веб-страница каде е достапна заедничката историска читанка е направена на иницијатива и со поддршка од Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ).
„ЕФБ разбира дека овие книги се важна алатка не само за наставата по историја, туку и за развивање на култура на дијалог и различни начини на размислување. Заедничките учебници по историја може да бидат излез од еднодимензионалниот образовен систем во регионот на Југоисточна Европа и имаат потенцијал да поттикнат размена за различни перспективи и искуства“
вели Александра Томаниќ, извршна директорка на ЕФБ.
Првично оваа заедничка историска читанка беше создадена во рамки на Проектот за заеднички историски книги.
„Овие книги беа централна програма на Центарот за демократија и помирување на Југоисточна Европа (ЦДРСЕЕ), регионална невладина организација со седиште во Солун, која настојуваше да поттикне демократски, плуралистички и мирољубиви општества во Југоисточна Европа. Заедничките историски книги претставуваа нова ера на преиспитување на историјата, преиспитување на товарот на предрасудите, недостатокот на емпатија и разбирање. Правејќи ги одново достапни, се надевам дека министерствата повторно ќе го изразат својот интерес и ќе препорачаат нивно користење во училиштата“,
вели Звездана Ковач, поранешен извршен директор на ЦДРСЕЕ.
Со новиот „дигитален дом“ идејата е овие заеднички историски книги да продолжат да служат како компаративен извор на информации за учениците, наставниците и сите други заинтересирани од сите делови на Југоисточна Европа и пошироко.