Казните за неносење маска во Албанија ќе се внесуваат во сметките за струја
Албанија воведува задолжтелно носење заштитна маска и на отворен простор. Мерката стапува на сила во четврток, најави премиерот Еди Рама, на прес конференција.
„Оваа мерка за превенција од коронавирус ќе стапи во сила в четврток, 15 септември. Сите граѓани се обврзани да носат маска насекаде, на улица, на секој јавен простор, освен дома и угостителски објект“,
рече Рама.
Рама рече дека казните за непочитување на мерката ќе бидат ригорозни и ќе се внесуваат во сметките за потрошена електрична енергија.
„Ниту еден поединец нека не се надева дека ќе ја избегне казната. Сите земји од регионот се движат кон оваа мерка. Ние сме во битка да ги систематизираме односите со сите служби и сите бизниси со тоа што ќе се ослободиме од оние инспектори кои за разлика од повеќето ги уништуваат овие односи. Државната и општинската полиција ќе ја контролираат целата територија и ќе бидат со нулта толеранција за секој кој нема да носи заштитна маска. Се надевам на совеста на граѓаните“,
изјави Рама.
Во Албанија во последната недела се регистрира негативен рекорд на новозаразени. Од направени тестови дури 18 отсто од нив се позитивни на ковид-19.