Иако пресудата не се занимава директно со вакцините против ковид-19, некои експерти веруваат дека тоа би можело да има влијание и на вакцинацијата против коронавирусот
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди денеска дека задолжителната вакцинација е легална и дека можеби ќе биде потребна во демократските општества. До пресудата дојде откако чешки семејства поднесоа тужби до судот во врска со задолжителната вакцинација на деца.
Имено, во Чешка постои општа законска обврска да се вакцинираат деца против девет болести кои се добро познати во медицината. Но, родителите што одбиваат да ги вакцинираат децата биле казнети парично, а на некои од децата не им било дозволено да посетуваат училиште или градинка.
„Мерките би можеле да се неопходни во демократските општества“,
се наведува во пресудата на судот.
Иако пресудата не се занимава директно со вакцините против ковид-19, некои експерти веруваат дека тоа би можело да има влијание и на вакцината против коронавирусот.
„Оваа пресуда ја зголемува можноста за задолжителна вакцинација во однос на моментната епидемија од ковид“,
вели за АФП, Никола Ервиј, правен експерт за работата на европскиот суд.
ЕСЧП пресуди дека здравствената политика на Чешка не го прекршила членот 8 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на право на почитување на приватниот живот.
Според чешкиот закон, децата мора да бидат вакцинирани против девет болести, вклучувајќи и тетанус, хепатитис Б и морбили.
„Политиката на вакцинација ги следи легитимните цели за заштита на здравјето, како и правата на другите, бидејќи ги штити и оние што примаат вакцина и оние што не може да се вакцинираат поради медицински причини“,
велат од Европскиот суд за човекови права и додаваат дека оние што не може да примат вакцина поради здравствени причини зависат од колективниот имунитет на заедницата и така се заштитуваат од тешки заразни болести.
