Доколку се случи да бидат повикани на телефон, од страна на кој било наводен инспектор, полицаец, доктор, судија и така натаму – да ја прекинат комуникацијата и да се јават во МВР. Инспекторите ќе дојдат не лице место и ќе продолжат со соодветни дејствија во насока на расветлување на конкретниот случај, кажа Тошковски
Телефонски измами со наводни сообраќајни незгоди сѐ почесто таргетираат постари граѓани – да бидат внимателни, да ги препознаваат и да се заштитат, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во гостување на МРТ1 тој предупреди граѓаните да бидат претпазливи и овие зачестени измами да ги пријавуваат во полиција.
„Доколку било каква ситуација се случи да бидат повикани на телефон, од страна на било кој наводен инспектор, полицаец, доктор, судија и така натаму, во таков случај не треба да продолжат во комуникација со него. Измамниците сакаат цело време да ја држат жртвата на телефон, не му дозволуваат, практично со цело време давање на лоши информации за нивните најблиски, да го затвори телефонот“,
вели Тошковски.

Тошковски ги советува граѓаните кои се „таргет“ на телефонска измама, веднаш да ја прекинат комуникацијата и да се јават во МВР или на единствениот број за итни случаи 112, во Центарот за управување со кризи.
„Таму и ќе ги пренасочат во МВР, и откако ќе кажат дека се сомневаат за измама, или директно да ѕвонат на 192 во МВР и директно да информираат дека се сомневаат за одредена измама, по што ќе бидат исконтактирани инспекторите кои работат во МВР, ќе дојдат не лице место и ќе продолжат понатака со соодветни дејствија во насока на расветлување на конкретниот случај. Значи, советот е никако да не продолжат во комуникација кога ќе се посомневаат дека станува збор за измама“,
додава Тошковски.