Се подготвуваат измени во Законот за заштита од пушење. Иако повеќето одредби остануваат исти, предлагачот најавува олеснување за угостителите и за пушачите.
„Таму каде што се пуши кога е отворено или кога е сончево, ќе се пуши и кога врне или кога дува ветар,“ вели предлагачот на измените и пратеник од СДСМ Томислав Тунтев.
Угостителите тврдат дека токму делот за терасите досега оставал простор за различно толкување, а со тоа и за селективно казнување.
„Како ќе сака да го погледне објектот, така ќе го казни или нема да го казни,“ вели претседателот на здружението ХОТАМ Крсто Блажески.
Статистиката покажува дека законот не го дал до крај посакуваниот ефект – бројот на пушачи изминативе години се зголемувал. Каде згрешија надлежните?
„Причините треба да ги бараме во попуштање во контролата на импелемнтација на Законот за заштита од пушење,“ смета проф. д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје.
Дали овие измени ќе имаат позитивно влијание или Македонија и натаму ќе биде меѓу рекордерите по претворање на своите пари во чад?
Секоја година се помалку контроли, а се повеќе пушачи.
Најригорозните измени во Законот за заштита од пушење беа донесени во 2010 година. За многумина пушачи тоа се уште значи ускратување на правото да уживаат во омилениот порок. За непушачите, пак, измените значеа конечно ослободување од чадот и миризбата во затворените простории. По најавите за нови измени во законот, ги прашавме и едните и другите: по речиси седум години дали и што тие би смениле?
„Пушење, според мене, не треба да има. Секаде нека биде забрането. И како досега, нека продолжи да биде забрането во ресторани, во затворени простории, канцеларии, работни места – нека нема пушење. Тоа е штетно,“ вели еден поранешен пушач.
„Нека се пуши внатре во локалите, дефинитивно. Во ресторани во кои се служи храна можеби не треба да се пуши, но во барови во кои се служи само пиење би било ОК,“ рече еден пушач.
„Овие терасите, затворање од три страни, од четири страни, можело – не можело, доле – горе, тоа е малтретирање на сопствениците и луѓето. Или ќе се реши еднаш: вака или вака,“ смета еден непушач.
„Ние имаме солиден закон. Флексибилен е по некои светски и европски рамки. На улица се пуши, пред згради се пуши, дома можеш… На запад има згради во кои во зградата не смееш да пушиш. Ако си пушач и твој е станот, го имаш купено, во зградата не се пуши и не се пуши. Сметам дека имаме балансиран Закон, но треба секаде да се аплицира тој закон,“ рече еден пушач.
Од најавените измени во Законот за заштита од пушење најверојатно ќе останат разочарани оние што се за негови радикални корекции. Предлагачот смета дека со минимални измени во делот за терасите ќе се постигне голем ефект во спречување на селективна примена на законот.
Според актуелниот закон, пушењето во деловен објект е дозволено исклучиво ако е покриен со чадори, тенди или нешто друго, но отворен најмалку од три страни на кои нема стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради или нешто друго, а ако е заграден, тогаш несмее да биде покриен. Со новите законски измени не би важеле токму овие правила, а цигара би можело да се запали без оглед на оградите или покривот.
Сега на терасите ќе може да се пуши независно од временските услови – ги објаснува измените пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев кој е и нивен предлагач.
„Нелогично е. Вие како гостин влегувате и сте пушач, седнувате во просторот за пушачи, повторувам дека просторот за непушачи воопшто не е тема на измените, се сеќавам јас во мојата дикусија реков ситна роса зароси и тивко ветре задува, некој од гостите бара да се спушти најлонот, зашто се смениле метеоролошките услови, и сега вие од тој момент од пушач треба да се претворите во непушач, само затоа што едниот најлон или едното стакло биле затворени. Ние предлагаме таму каде што е дозволено пушење да биде дозволено без оглед на метеоролошките услови,“ изјави Тунтев.
Крсто Блажески е претседател на асоцијасијата на угостители ХОТАМ. Се сеќава дека во 2010 година законот стапил на сила буквално преку ноќ, без можност за прилагодувања.
„Наеднаш се пресече. Се направи нешто од кое луѓето беа многу збунети од почеток. Баш беше за Нова година, се сеќавам, до 12 часот можеа да пушат, а после 12 да се соберат пепелниците и нема пушење повеќе,“ раскажува Блажески.
За него најважно е да се направат измени со кои законот ќе биде јасен без можност за различни толкувања и селективно казнување.
„Селективно беше спроведувањето, законот не беше чисто напишан за да биде јасен и кристален за сите угостителски објекти како треба да го спроведат и што треба да направат. Кој се знае со инспекторите, кој не се знае… Се дознаваше веднаш кога доаѓа инспекција, а од каде се дознаваше треба други да кажат и зашто било така. Главно, тоа што треба да се постигне е тој закон да биде ист за сите. Да нема селективност дека јас сум од СДСМ или од било која партија, па може сега да се пуши кај мене и да му се смеам на другиот зашто кај него не може, а тоа постоеше претходно,“ тврди Блажески.
Со најавените измени и натаму не смее да се пуши во затворен простор, иако тоа го бараат угостителите, со објаснување дека така ќе имаат поголем промет.
„Во затворени објекти каде што има храна треба да е поделено, нешто како што е во Србија во моментов. Еве и во Австрија има објекти кои се поделени на пушачки и непушачки. Треба убаво да се размисли кои се тие објекти, која квадратура, што треба да поседува објектот за вентилација, колку пати треба да се промени тој воздух во таа просторија и слично. Во Америка во затворени простории е секаде забрането, освен во казината, но имаат поставени вентилациони системи кои менуваат воздух неколку пати во еден час и кога ќе влезето во казино не чувствувате дека внатре се пуши“, раскажува тој.
За овие идеи размислувал и Тунтев. Но, вели тоа се сериозни законски измени кои треба добро да се обмислат.
„Една алтернатива е да се воведат лиценци секој угостителски објект да се определи дали ќе биде за пушачи или непушачи. Ако биде за пушачи тогаш ќе мора да плати лиценца. Тие пари нема да одат во буџетот, за било што, туку исклучиво за проекти и активности за борба против пушењето,“ изјави тој.
Законот од 2010-та за главна цел имаше подобрување на здравјето на граѓаните и намалување на бројот на пушачи. На овие статистики работи професор доктор Елена Ќосевска од Институтот за јавно здраве. Истражувањето направено додека го подготвувала својот докторат во 2002 година покажало дека во земјава 42,7 отсто од лица на возраст од 15 до 64 години се пушачи. Во 2016-та, процентот е зголемен на 46. Ќосевска смета дека ваквите поразителни бројки се резултат на селективноста и на слабата контрола над спроведувањето на законот.
„Со текот на времето попуштија мерките, не се спроведуваа доследно, повторно сме сведоци дека има ресторани во кои може да се сретнат пушачи и покрај тоа што е забрането. Во дел од здравствените установи, па дури и во административните владини институции се среќаваат лица кои пушат цигари. Што значи дека причините треба да ги бараме тука,“ смета Ќосевска.
И достапните податоци за извршени редовни и вонредни контроли упатуваат на заклучок дека нив се помалку ги има. Така, на пример, во 2013-тата извршени се 16 819 инспекциски надзори, а секоја наредна година бројот се преполовувал: 2014-та 8070 контроли, 2015-та – 4427.
Зошто се драстично намалени контролите, дали казнувањето било селективно и што мислат за новите предлог – измени на Законот за заштита од пушење – побаравме одговор од оние кои ги донесоа ригорозните измени во 2010-та, ВМРО ДПМНЕ. Оттаму не добивме никаков одговор.
И додека едните бараат измени, а другите не би го менувале постојниот закон, простата математика покажува дека ако во едно семејство има двајца пушачи, тие во чад секоја година претвораат еден солиден летен одмор. Во пари. А во здравје?!
Напишете коментар