Двајцата доктори и медицинската сестра позитивни на ковид-19 се од Центарот за јавно здравје, а не од Институтот за јавно здравје како што вчера објави МКД.мк.
Порталот појаснува дека се работи за недоразбирање и случајна грешка и дека станува збор за позитивни здравствени работници во ЦЈЗ, а не во ИЈЗ. Информацијата за заболените доктори и медицинска сестра уште вчера ја потврди и министерот Венко Филипче, но грешката е во тоа што наместо во Центарот за јавно здравје, соопштено беше дека тие се вработени во Институтот за јавно здравје.
Од Институтот за јавно здравје утрово демантираа дека кај нив има заболен персонал.
„Во Институтот за јавно здравје ниту еден од вработените не е позитивен на ковид-19. Епидемиолошките екипи и натаму ја извршуваат својата работа како и во изминатите два месеца. Ова е официјална информација од Институтот за јавно здравје потврдена од директорот на институцијата Шабан Мемети и јавноста треба да биде информирана“,
се наведува во соопштението.
Од Институтот посочуваат дека официјалните информации за состојбата со ковид-19 се објавуваат на интернет страницата на институцијата и на страницата на Министерство за здравство.
