Договорот со Бугарија и очекувањата за негово спроведување во добра волја и постигнување опипливи резултати се веќе дел од Предлог-преговарачката рамка за Македонија со која се согласуваат сите земји членки, со исклучок на Бугарија. Евентуален патоказ (и тоа формално надвор од Рамката) само би ги дефинирал чекорите во таа насока
„Решавање на билатералните прашања надвор од процесот на интеграција на земја од ЕУ“, како што се наведува во писмото од Рикер до Заев, е невозможно дури и во најдоброто сценарио за Македонија
Серија реакции – политички и експертски, предизвика делот од интервјуто на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за „360 степени“, во кое рече дека „ако констатираме дека Договорот (со Бугарија) не испорачува доверба, можеме да додадеме механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ“. Притоа, Османи додаде дека „тоа не треба да биде дел од Преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно“, но остави простор евентуалниот патоказ, на некаков начин, да биде дел од преговарачкиот процес на земјава со ЕУ.
Реакции: Патоказ е прифаќање на бугарските барања
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски, споделувајќи го писмото од американскиот дипломат Филип Рикер до премиерот Зоран Заев, на „Твитер“ напиша:
„Предлогот на помошникот секретар е коректен, почеток на преговори без билатералните спорови внатре во рамката на ЕУ, што е спротивно на ‘Патоказот’ предложен од МНР Османи, кој во суштина значи ставање на билатералните бугарски барања во преговарачката рамка на ЕУ.“

Во објавата, Милошоски го пренесува и вчерашниот пост на „Фејсбук“ на Малинка Ристевска-Јорданова, експертка во областа на евроинтеграциите, која сега е дел од Институтот за европска политика, а во минатото беше висока службеничка во владиниот Секретаријат за европски прашања. Коментирајќи ја изјавата на Османи за можниот патоказ, таа напиша:
„Не, не може! Прифаќањето ‘Патоказ’ на Договорот би значело прифаќање на бугарските барања од Рамковната позиција од октомври минатата година, од кои тие не отстапија ни јота, напротив – ги проширија. Нивната позиција сама по себе е ‘патоказ’ по нивна мерка, и ако таа стане дел од ЕУ процесот, како што вели министерот, практично доброволно ќе ги ставиме бугарските барања ‘во ЕУ рамка’. Доаѓаме во недозволива и трагикомична ситуација државите членки на ЕУ остро да се спротивставуваат на вметнувањето на билатералните прашања во ‘ЕУ рамка’, а ние доброволно да си ја наметнуваме.“

Непрецизност(и)
Споредбата на цитираните објави со изјавата на министерот Османи покажува дека реакциите содржат неколку непрецизности: прво, шефот на дипломатијата експлицитно кажува дека евентуалниот патоказ не треба да биде дел од Преговарачката рамка, иако остава простор, на некаков начин, да биде дел од процесот на пристапување на земјава кон ЕУ.
Второ, Османи во изјавата на никаков начин не ги доведува во врска бугарската рамковна позиција и евентуалниот патоказ. Напроти, шефот на дипломатијата зборува за додавање „механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори“. Со други зборови, евентуалниот патоказ би се однесувал исклучиво на динамиката и начинот на спроведување на Договорот со Бугарија.
Трето, точно е дека помошник државниот секретар на САД, Филип Рикер, во писмото до Заев ги охрабрува земјава и членките на ЕУ да продолжат да бараат решение на билатералните прашања надвор од процесот на интеграција на земјава во ЕУ. Но, увидот во Предлог-преговарачката рамка, изготвена од германското претседателство со ЕУ, со која се согласија сите земји членки освен Бугарија, покажува дека Договорот за добрососедство и неговото доследно спроведување, секако, се дел од обврските според кои ќе биде оценуван напредокот на земјава на патот кон ЕУ.
Во продолжение го објавуваме делот од Предлог-Рамката, до која дојдовме, а беше предложена од германското претседателство до земјите членки пред последниот состанок на Советот на ЕУ:

Желба наспроти реалност
Германија и други земји членки на ЕУ се против вметнување „дополнителна содржина“ поврзана со Договорот со Бугарија во Преговарачката рамка, бидејќи сметаат дека на тој начин ќе се билатерализира пристапниот процес на земјава кон ЕУ. Тоа е интерес и на земјава. Но, Германија и другите земји членки не успеаја да ја убедат Бугарија да ја прифати оваа Рамка ниту, пак, има сигнали дека би ја убедиле во иднина.
Софија бара дополнителни гаранции дека Македонија ќе го спроведува Договорот за добрососедство и ако тоа очекување може да се задоволи со „патоказ“ во кој попрецизно ќе се дефинираат динамиката и чекорите на спроведување на Договорот, тогаш од каде стравот за „капитулација на земјава“?! Дали тоа што заклучокот на Советот на ЕУ за почеток на преговори со земјава од март оваа година е чист и не предвидува дополнителни услови за одржување на првата меѓувладина конференција, ја спречи Бугарија да ја блокира земјава?!
Софија останува со правото на вето за цело време на преговорите – со или без патоказ. Во таа смисла, дали е можен сосема поинаков пристап од македонска страна кон евентуалниот патоказ – дека тој би бил во интерес на земјава зашто би придонел за објективизирање и мерливост на спроведувањето на Договорот, наспроти сегашната состојба која и остава простор на Бугарија паушално да тврди дека земјава не го прави тоа?!