Финансиските контроли во Министерството за култура ги стопираа исплатите на ланските проекти, а литературно-издавачката дејност е разочарана што немаат одговор ниту за годинашните конкурси
Организаторите на настани изразуваат револт за последниот пакет антикризни мерки и се сомневаат дека ќе бидат обврзани да организираат настани во интерес на Владата
Одредени гранки од областа на културата, не само што ги трпат последиците предизвикани од ковид-кризата уште минатата година туку нивните проблеми продолжуваат и годинава. Таква е состојбата во литературно-издавачката дејност, бидејќи во исчекување на исплата на реализираните проекти од лани остануваат во неизвесност за резултатите и од Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата, кои треба да ги објави ресорното министерство.
Со слични проблеми се соочуваат и организаторите на настани, бидејќи сè уште важи забраната за организација на поголеми културни, забавни и друг вид настани. Во однос на забавната дејност, без можност за остварување приходи, остануваат и музичките артисти кои заработуваат исклучиво од настапи по угостителски објекти, локали, кафулиња, барови.

Од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) велат дека се загрижени за последните случувања поврзани со проектите од 2020 година, бидејќи Министерството за култура одлучи да ги стопира исплатите поради финансиските контроли поврзани со ланските проекти.
„Изненадени сме од одлуката на Министерството да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември. Издавачите, кои не се консултирани и информирани, со оваа одлука се принудени самите да ги подмируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба. Поради тоа, бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основа и да биде реализирана во најбрз можен рок“,
велат од Македонската асоцијација на издавачи.
Министерството пред десетина дена соопшти дека во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021 година, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскинати се договори во износ од околу 70 милиони денари, односно над еден милион евра. Сега, до завршување на внатрешната ревизија и финансиските контроли, Министерството нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници, со цел, како што велат, заштита на буџетските средства.
„Наодите од внатрешната ревизија, Министерството по службена должност ги испрати до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансиската полиција и до ДКСК. Сите информации ќе бидат познати по завршените контроли, за што подетално треба да се произнесат органите кои се повикани. Очекуваме Финансиската полиција и ДКСК во најбрз можен рок да постапат заради расчистување на евентуални злоупотреби“,
информираа од Министерството.

Отежнати услови за работа во Министерството за култура
Дополнително, македонските издавачи како тешкотија во нивното функционирање укажуваат на доцнењето на резултатите Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата. Тие се повикуваат на законски рок, дека резултатите треба да бидат објавени за 45 дена од денот на донесување на буџетот.
„Со оглед на тоа што буџетот за 2021 година на РС Македонија беше донесен на 20 декември 2020 година, сметаме дека ваквото повторно доцнење на Министерството оди на штета на издавачите и на реализацијата на проектите, а загрижува и фактот што ниту тие ниту јавноста не се известени за причините за пролонгирањето и за евентуалниот датум кога можат да ги очекуваат резултатите. Дополнително, се наметнува прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите од Годишната програма за 2021 година“,
велат од МАИ.
Образложението, пак, на Министерството за култура е дека Законот за култура не забранува продолжување, а во конкретниот случај може да постапат и според чл. 94 од Законот за општа управна постапка, кој дозволува рокот за одлучување да се продолжи за најмногу 30 дена.
„Министерството за култура во септември во тековната година за наредната година објавува Годишен конкурс, според чл. 62 од Законот за култура. Минатата година, Годишниот конкурс беше објавен на 8 октомври. Министерството за култура тогаш информираше дека рокот за објавување на конкурсите не е преклузивен, што дозволува да се надмине предвидената временска рамка за негово објавување. До крајот на август 2020 година, имаше техничка влада. Мандатот на новата влада започна на 1 септември, при што во Министерството за култура започна процес на детален пресек на програмските буџетски средства, како и кон подготовка на нова апликација со подобрен систем за бодирање, со цел фер и правична распределба на средствата“,
појаснуваат од Министерството.
Тие велат дека во изминатиов период стручните комисии кои одлучуваат по однос на проектите работеле во исклучително отежнати услови предизвикани од ковид-пандемијата.
додаваат од Министерството.
„Во процесот на одлучување се соочивме со реални тешкотии и прекин на работата поради здравствени причини и ковид-позитивни членови на комисиите. Почитувајќи ги ковид-протоколите, покрај организациската ограниченост во работата, обемниот број апликации темелно се разгледуваат и бодираат по новата евалуациска матрица. Процесот на одлучување и оценување од страна на стручните комисии е во финална фаза“,
Настани може да се одржуваат, но само од државен интерес?
Речиси точно една година е забрането организирање поголеми јавни настани, а со тоа оваа индустрија е една попогодените и, како што велат самите, „први затворивме, последни ќе отвориме“. Немаат голема надеж дека ситуацијата со нивното работење наскоро може да се промени. Владата во рамките на последниот сет антикризни мерки предвидува помош за оваа индустрија, но се вели дека поддршката од 61 милион денари ќе биде за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес.

Токму ова објаснување предизвикува револт кај Асоцијацијата на индустријата за организирање настани ИВАП.
„Оваа мерка не претставува помош, туку реализација на програма и активности на Владата за 2021 година. Нејасно е кои се тие проекти од државен интерес, по кои критериуми ќе се одбираат проектите? Дали помош ќе добијат сите или само одбраните? За кој период се однесуваат? Дополнително што Владата покажа целосно непознавање на нашата индустрија и измеша компании за настани, маркетинг-агенции, продукции, едукатори, културни работници. Да потсетиме, настаните беа први забранети, и тоа на 28 февруари 2020 година, како прва мерка за спречување на ширењето на пандемијата. Точно цела година се соочуваме со предизвик како да опстанеме и да ги одржиме во живот нашите фирми“,
велат тие.
Појаснуваат дека на средбите со владините претставници имале впечаток дека ќе бидат разбрани, бидејќи разгледувале повеќе модели за помош, а предложиле и предлози за надминување на кризата.
„Сега гледаме дека не само што не сме разбрани туку ќе бидеме употребени и втурнати во една нејасна ситуација, во која веројатно заради недефинирани критериуми ќе има место само за одбраните. Навистина не ни е јасно зошто не се обидоа да изнајдат квалитетно решение и да ги дискутираат предлозите со нас пред да ги објават, особено што ИВАП е единствената асоцијација на компании за организација на настани која се понуди како конструктивен партнер во целиот процес. И на крајот прашуваме, за какви настани зборуваме кога не се знае до кога ќе важи забраната за јавни собирања? Дали Владата знае нешто што не ни го соопштува? Објавениот пакет мерки не претставува воопшто помош за индустријата за организација на настани, туку фрлање трошки“,
велат од ИВАП.
Она што тие најмалку очекувале е помош за рестартирање на секторот, но и овозможување на пазарот со цел да придонесуваат во буџетот како и пред пандемијата.
Поради забраната за музички програми во угостителски објекти, со проблем се соочуваат и музичарите што своите приходи ги остваруваат исклучиво од вакви настапи.
„360 степени“ веќе пишуваше за овој проблем, за оние музичари што се во категорија самостојни уметници и државата ним им плаќа здравствено и пензиско осигурување. Но, за да го добијат овој статус, потребно е да бидат регистрирани со фирма на трговец поединец и така во Агенцијата за вработување фигурираат како вработени лица, иако не остваруваат приходи.