Поради состојбата со коронавирусот во земјава, Владата на вчерашната седница воведе забрана за влез на странски државјани од земјите со висок ризик кои се на листата на Светска здравствена организација, а е објавена на веб-страницата на Министерството за здравство: Кина, Италија, Јужна Кореја, Иран, Франција, Германија и Шпанија.

Забраната, како што стои во заклучоците од владината седница, не важи само доколку достават потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.
Исто така, се апелира до државјаните на Република Северна Македонија што живеат во држави со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во земјата во овој период.
Поради затворање на граничниот премин Рибарци во Република Србија, од вчера од 7 часот, за премин за патници и возила согласно насоките од владата на Република Србија, сите патници и возила од граничниот премин Голема Црцорија – Голеш, Кривопаланечко во Република Северна Македонија се пренасочуваат на граничните премини што се отворени за слободен проток на патници и возила.
Од граничниот премин Прохор Пчињски патниците и возила се пренасочуваат на заедничкиот граничен премин со Република Србија, Табановце – Прешево.