Најави дека е можно заеднички да се аплицира во ЕУ за грант средства за изградба на тунелот како симбол на поврзување на двете земји
Од еден крајно инженерски или проектантски проблем за железничкото поврзување со Бугарија, се направи политички проблем и тоа не смее да се дозволи да се случува во иднина. Ова денеска во Дневникот на ТВ Сител го рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, посочувајќи дека истото му го предочил и на неговиот бугарски колега Гроздан Караџов на средбата што викендов се случи во Истанбул во рамки на форумот „Глобална Транспортна Поврзаност“.

„Ние подолг временски период имавме проблем да направиме средба. Морам да кажам дека дел од причините е што седумпати имаше избори во Бугарија во последните три и пол години. Сега првпат има стабилна влада и ете се најде начин, во рамките на Форумот што се случуваше во Истанбул да се одржи една средба. Таа беше долга и содржајна, влеговме во многу детали, но она што за мене клучно е дека мора да расчистиме дека од еден крајно инженерски проблем, се направи политички. Тоа е нешто што во иднина не смее да се случува“,
рече тој.
Посочи дека од изградба на железнички тунел што мора од негде да почнува, но и негде да завршува, според него, бугарската страна од претходните влади, успеаја да направат политички проблем.
Во однос на суштинските прашања за изградба на пругата кон Бугарија, Николоски посочи на три важни работи, од кои првата е дека железничкото поврзување со нашиот источен сосед треба да е преку тунел, што мора заеднички да се изгради.
Втората е дека Македонија мора да го заврши својот дел од работата, но и Бугарија да го исполни својот дел. Сепак, според него третата и истовремено најважна работа е Скопје да се поврзе со Софија, а не со Крива Паланка, а од Софија и со Бургас и со Варна, односно со пристаништата на Црното Море.
Сепа, за тоа да се случи, според Николоски, Бугарија треба да ја модернизира својата железница.
За сите три работи, како шпто рече, начелно посоти согласнот од неговиот бугарски колега.
„Прво, веќе постои согласнот дека тунелот треба да се гради заеднички, за што ќе има средба во Брисел на експертско ниво на 16 јули, помеѓу експерти од Македонија, Бугарија и Европската комисија. Второ, ќе се потпише и документ, како заедничка Декларација. Работиме тој документ да се изработи што побрзо, со тимови од двете влади“,
кажа Николоски.
Од бугарска страна јасно е кажано, додава тој, дека ќе инвестираат 1,5 милијарди евра на потегот од Софија-Ѓуешево-Деве Баир, што според него, е значајно ветување и многу поразлично од она што претходно го кажуваа.
Најави дека е можно заеднички да се аплицира во ЕУ за грант средства за изградба на тунелот како симбол на поврзување на двете земји.
Од Владата викендов соопштија дека на средбата, Николоски и Караџов се догорија да испратат експерти што ќе учествуваат на состанокот за Коридор 8 во организација на Европската комисија во јули годинава.
Инаку, министерот досега неколку пати изрази очекување дека дијалогот со Бугарија за изградба на железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8 ќе продолжи и дека Софија ќе покаже подготвеност за овој проект како што тоа го прави земјава.