Антикорупционерите утврдиле дека министерот Бочварски сторил прекршок, казнив по член 105, став 1, алинеја 14 од истиот Закон, по што издала платен налог, кој, пак, бил прифатен и платен во пропишаниот рок
Сепак, Комисијата утврдила дека при вработувањето на сопругата и балдазата на Бочварски биле искористени слабостите од Законот за здравствена заштита
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски прекршил одредба од Законот за спречување на корупцијата бидејќи вработувањето на неговата сопруга и балдаза (сестра на сопругата) во јавна здравствена установа, не го пријавил во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во рок од десет дена од вработувањето.
Антикорупционерите утврдиле дека Бочварски не постапил согласно член 56 став 2 од Законот за спречување на корупцијата, според кој:
„(2) Избрано или именувано лице или одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал е должно да ја извести Државната комисија за секој избор, именување или вработување, унапредување на член на неговото семејство во државен орган, орган на локалната самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал, во рок од десет дена од денот
на извршениот избор, именување, унапредување или вработување“.

ДКСК утврдила дека министерот Бочварски сторил прекршок, казнив по член 105, став 1, алинеја 14 од истиот Закон, по што издала платен налог, кој, пак, бил прифатен и платен во пропишаниот рок.
„Оттука, постапувањето на Антикорупциската комисија е запрено“,
велат од ДКСК.
Сепак, членката на ДКСК, Катица Николовска, на денешната седница на Комисијата изјави дека при вработувањето на сопругата и балдазата на министерот биле искористени слабостите од Законот за здравствена заштита, поконкретно, недореченоста во членот 164 став 2.

Во овој поглед, вели Николовска, несомнено е дека се запазени сите процедури и обезбедени се сите потребни согласности, но како што рече, ДКСК беше во дилема на кој начин Министерството за здравство (МЗ) ја утврдува континуираната потреба од вршење дејност, со оглед на тоа што сите медицински институции се соочуваат со недостиг на здравствен кадар, не само од аспект на високи стручни лица и доктори, туку и од сестри.
„Упативме барање до МЗ да ни објасни на кој начин ја утврдува оваа континуирана потреба и беше доставен одговор дека Владата го задолжила Фондот за здравство во соработка со Министерството за финансии (МФ) како давач на согласности и одобрувач на средства, при доставување на барања за согласност за преземање на медицински персонал од приватни во јавни здравствени установи почнувајќи од 17.08.2022 година до МФ задолжително да доставуваат известување дека претходно се реализирани два јавни огласи во последните 12 месеци на кои немало пријавено медицински лица, а се однесуваат за работните места за кои се бараат наведените преземања. Ова изгледа многу логичен критериум на кој начин може да се постигне избор на квалитетни кадри, меѓутоа нејасно е зошто ова не е одредба во Законот, туку е укажување на Влада“,
рече членката на Антикорупциска, Катица Николовска.
Антикорупциската комисија одлучила да го запре постапувањето на овој предмет поради исрпување на сите законски механизми, но одлучила да отвори предмет во нивното одделение за антикорупциска проверка на легислативата и да се направи конкретна анализа на член 164 од Законот за здравствена заштита со цел да се даде предлог до МЗ и до Фондот за здравство во насока да се инкорпорираат заклучоците на Владата и тие да станат одредба во истиот закон, со цел утврдување појаки критериуми при преземањето на овие здравствени работници.