„Значи, потребен е уставен основ за таков закон што ќе се носи со двотретинско мнозинство и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени, но како што кажа и претседателот на Владата, кај нас отворањето на Уставот секогаш е чувствително прашање и тема и затоа конечниот заклучок, според мене, е кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа“, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој денеска беше домаќин на настан на кој се дискутираше на оваа тема
За воведување на институтот уставна тужба е потреба измена на Уставот на државата, за што во моментот не се создадени политички услови, согласни се претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и премиерот Христијан Мицкоски.

Костадиновски денеска во просториите на Судот беше домаќин на тркалезна маса на која се дискутираше за потребата од воведување на уставната тужба, а меѓу гостите кои имаа свои воведни обраќања беше и премиерот.
Во врска со темата, претседателот на Уставен и премиерот одговараа на новинарски прашања, во рамките на кои повторија и појаснија дел од ставовите што претходно ги кажаа во воведните обраќања.
Во таа насока, Костадиновски кажа дека Уставниот суд на земјава е единствениот во Европа што нема закон за Уставен суд и неговата надлежност е уредена со шест уставни одредби и Акт на Судот.
„Правната рамка е таа. Неопходно е тие шест уставни одредби да се операционализираат со закон, но не било каков закон, двотретински закон за да ја гарантира самостојноста и независноста на Судот, но и за тоа е потребна уставна измена. Значи, потребен е уставен основ за таков закон што ќе се носи со двотретинско мнозинство и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени, но како што кажа и претседателот на Владата, кај нас отворањето на Уставот секогаш е чувствително прашање и тема и затоа конечниот заклучок, според мене, е кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа“,
кажа Костадиновски.
На новинарско прашање што значи тоа да се создадат услови, одговори премиерот Мицкоски, кој посочи дека промена на Устав е политичка тема, која во конкретниот случај се однесува на правна тема, односно, како што кажа, потребата Уставниот суд конечно да добие своја тежина во самиот Устав.
„Од моментот на осамостојувањето на државата до денес ова се провлекува и сега ние сме дојдени во ситуација тоа што претставува товар од минатото да го решаваме и ќе го решиме кога ќе се создадат политички услови. Сега, во моментот, такви политики услови не се создадени, да бидам попрецизен“,
рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали додека се чека создавање на тие услови, може да се направи барем нацрт-текст за измените или на нов закон, премиерот кажа дека станува збор за два паралелни процеси кои меѓусебе не се во колизија.
„Претпоставувам дека веќе самиот Уставен суд размислува како отприлика би изгледала архитектурата на тој специјален закон којшто ќе ги опфати овие институти како уставната тужба итн, така што се надевам дека наскоро од денеска ќе може да се излезе со таков предлог-закон, да се има јавна дебата, да се слушне и мислењето на јавноста, на стручната јавност, на останатите засегнати страни и, нормално, да имаме еден готов документ кој, како што рековме, кога ќе има политички услови за такво нешто да биде апсолутно донесен. Но, ќе повторам, Владата во моментов не размислува за отворање на Уставот и политичките услови за отворање на Уставот не се исполнети“,
рече Мицкоски.

Претседателот на Уставниот суд беше прашан и дали во овој период ќе се размислува за воведување гласање со т.н. Бадентерово мнозинство во Уставниот суд, на што тој рече дека досега веќе го кажал својот став дека е подобро да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам.
„Таков механизам е соодветен за политички органи како што е Собранието и е здрав механизам. Меѓутоа во институција како што е Уставниот суд, кој е чисто правна институција воведување на механизам, можеби сум бил брутален, ама сум кажал дека подобро е да се затвори институцијата отколку да се воведе таков механизам. Зошто? Затоа што во тој случај нема да одлучуваат уставно-правните аргументи, ќе одлучуваат друг тип на аргументи“,
образложи Костадиновски.
Инаку, на настанот свое обраќање имаше и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој рече оти е важно за фундаменталните реформи да одат рака за рака.
„Уставниот суд не е само уште една институција, туку е вистински бранител на правото и заштитник на правата на луѓето и неговата независност и суверенитетот се клучни. Во ЕУ-системите имаме разни пристапи и не е прашање за еден модел, но сакаме да имаме иста цел – луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда“,
рече Рокас, пренесе МИА.
Од наша страна, нагласи евроамбасадорот, ќе ги обезбедиме и поддршката и знаењето на патот кон ЕУ-интеграцијата.
Инаку, настанот се одржа во рамките на проектот финансиран од Европската Унија – „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“.
