Српските власти ги заоструваат мерките и за влез на странски државјани воведуваат задолжителен негативен ПЦР тест. Оваа мерка стапува на сила од 20 декември.
„Донесовме одлука кога станува збор за контролата на патниците во меѓународниот сообраќај дека на сите странски државјани ќе им треба ПЦР-тест, без оглед на земјата од која влегуваат, и ова ќе важи од 20 декември, најверојатно до 10 јануари, сето тоа ќе зависи од моменталната епидемиолошка состојба“,
изјави министерката за труд и социјални работи и член на Кризниот штаб, Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, по седницата на штабот.
Негативен ПЦР тест или карантин, српските власти воведуваат и за своите државјани. Доколку немаат негативен ПЦР тест, тие ќе бидат обврзани да бидат во домашна изолација 10 дена, што може да се прекине доколку во меѓувреме направат негативен ПЦР тест.
Според Кисиќ-Тепавчевиќ, досегашните мерки во Србија имале ефекти, иако бројките се на многу високи вредности, но се гледа пад кај новозаболените лица и процентот на позитивност. Таа ги повтори мерките – забрана за работа на сите објекти од 17 часот, што не важи за објектите за храна, аптеките и пумпите.
