Грција ги отвори сите копнени гранични премини со соседните земји, што значи дека освен од преминот Богородица, од денеска ќе може да се влезе во земјата и од граничните премини на Меџитлија и Дојран.
Министерската одлука за отворање на сите копнени гранични премини во Грција е објавена во „Службен весник“ и со тоа одлуката стапува во сила. Другата промена е што граничните премини од денеска ќе работат 24 часа.
Во одлуката „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на ковид-19“, која е во сила до 8 јули 2021 година, за патување во Грција е задолжителен документ поврзан со ковид-19 или сертификат за вакцинација, 14 дена по примената втора доза, или негативен резултат од ПЦР-тест направен 72 часа пред патувањето или рапид (брз) тест до 48 часа пред пристигнувањето во Грција или потврда за прележан коронавирус, како и пополнет PLF-формуларот.
Промени има во однос на потврдата за прележан ковид-19, важноста на документот издаден 30 дена по првиот позитивен резултат е до 180 дена по позитивниот резултат, а не од два до девет месеци како што беше претходно.
Согласно министерската одлука, сите посетители, „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со ковид-19.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Алтернативно, посетителите на Грција, може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест. Сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност трае до 180 дена по позитивниот резултат.
Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Европскиот дигитален ковид-сертификат е уште една алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr пред поаѓањето, по што се добива потврда со кју-ар код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF-формуларот.
Доколку бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен, карантин, додека пак ако се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена, а на последниот ден од карантинот, потребно е да се направи ПЦР-тест.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5 000 евра.
За туристите важат истите правила и рестрикции што важат и за Грците.