Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информираат од АМСМ. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП „Богородица“ каде времето на чекање за влез и излез од државата е околу 45 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, додаваат од АМСМ.
Поради изведување на градежни активности на Вијадукт на Сарички дол, кој се наоѓа на државниот пат А1 Градско – Прилеп, обиколница на градот Прилеп, државниот пат (од раскрсница кај бензинска станица „Лукоил“ до клучка кај бензинска станица „Салида“) ќе биде целосно затворен за сообраќај од 03.08. од 07:00 часот до 06.08. Сообраќајот ќе биде пренасочен низ градот Прилеп.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни: петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.