Ќе се пренасочуваат и градските автобуси кои поминуваат покај Соборниот храм во центарот на Скопје, ќе се затвори и улицата пред црквата во Ѓорче Петров, како и патот кон селото Лисиче, а по потреба МВР најави дека истото ќе го направи и со улици околу други верски објекти
За време на празничниот викенд во Скопје, поради верскиот празник Велигден ќе има посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром, најави МВР.
Утре (15 април) од 18 часот ќе се затворат дел од двата од булевари околу Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ или поточно:
булеварот „Партизански одреди“ кој ќе биде затворен од раскрсницата со улицата „Френклин Рузвелт“ до раскрсницата со булеварот „ВМРО“; и
булеварот „Св. Климент Охридски“ кој ќе се затвори од раскрсницата со булеварот „Илинден“ до раскрсницата со улицата „Димитрие Чуповски“.
Ќе се пренасочуваат и градските автобуси.
„Автобусите коишто поминуваат преку мостот ’Гоце Делчев‘ ќе се движат по булевар ’Илинден‘ и преку улицата ’Френклин Рузвелт‘ и ќе се приклучуваат на булеварот ’Партизански одреди‘, додека автобусите коишто поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по улицата ’Митрополит Теодосиј Гологанов‘, потоа по улицата ’Френклин Рузвелт‘ и ќе се приклучуваат на булеварот ’Партизански одреди‘. Истите сообраќајници ќе ги користат и автобусите кои сообраќаат во спротивна насока“,
соопштија од МВР.
Поради велигденските празници во Ѓорче Петров, пак, улицата „Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ ќе биде затворена на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“.
Од МВР најавуваат дека и во Општина Аеродром по потреба ќе се затвори локалниот пат кон селото Лисиче. Доколку се појави потреба, додаваат, ќе бидат затворени и други сообраќајници околу верските објекти.