Препораките од Комисијата се поради намалувањето на бројот на новозаразени и на хоспитализирани изминатиот период и мерките би биле во сила до завршување на празниците
За Велигден и за Рамазан да нема полициски час, предлага Комисијата за заразни болести. Тоа би значело дека полициски час нема да има овој викенд сабота кон недела и меѓу 11 и 12 мај.
Како што соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче, другите олабавувања на мерките се полицискиот час да почнува од 21 часот во другите денови (освен за Велигден и Рамазан) и да се отворат летните тераси на кафулињата и рестораните, кои ќе може да работат до 20, односно до 20:30 часот.
Препораките од Комисијата се поради намалувањето на бројот на новозаразени и на хоспитализирани во изминатиот период. Мерките би биле во сила до завршување на празниците, по што повторно ќе се направи анализа.
„Мислам дека тие два дена нема да сменат ништо. Никогаш не може да имаме толку контрола колку што треба граѓаните да бидат одговорни. Во разговор со лидерите на верските заедници, тие презедоа одговорност да не се дозволат масовни собири и одбележувањето на празникот да биде во согласност со епидемиолошките мерки. Тука клучна е и одговорноста на самите граѓани“,
рече Филипче.
Тие утре ќе бидат на дневен ред на седница на Владата.
