Посочи дека предлог-буџетот за 2026 година е различен од сите претходни буџети, независно дали ги носела ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ бидејќи тоа е прв буџет во историјата што се носи на октроиран, односно наметнат начин, и второ, како што додаде, направен е преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15 отсто
Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во синоќешното гостување на ТВ Телма го оцени предлог-буџетот за 2026 година како потрошувачки, оти 90 отсто е наменет за тековните расходи, а само 10 отсто за капитални инвестиции што треба да се двигатели на развојот. Со тоа, според него, направен е преседан на капиталните инвестиции.

„Ако оваа година, која е чиста година на владејачкото мнозинство, покажа дека има капацитет за 50 отсто спроведување на капиталните расходи, тоа значи дека овие 10 отсто ќе останат пет отсто на крај на годината во 2026 година. Толку е капацитетот. И ако 90 отсто отидат во тековни расходи, зашто таму не можеш да не ги трошиш, оти секој први ќе дојде некој и ќе рече дека треба да се плати ова или она. Затоа, прашањето е за пет години од сега каде ќе биде“,
вели тој.
Според него, загрижува тоа што во тековната година има само 48 отсто реализација на капиталните инвестиции, но вистинското прашање е зошто ги нема толку озборуваните проекти.
„Дури и да направиме меморандум за соработка со Велика Британија, со што ќе ни отворат финансиска рамка од шест милијарди, а тоа се да не заборавиме проектите во здравството, клинички центар во Скопје и Штип, за нив се издвоени само 3,5 милијарди денари. Со тие пари не можете ниту студентски дом да изградите, а не клинички центар“,
кажа Битиќи.
Посочи и дека со ова власт задолжувањето на граѓаните и на државата оди во опасна насока, а дека власта тоа се обидува да го прикрие.
„Дали ова се реални проекции во буџетот. Дали ова е вистина предлог-буџет за 2026 или е предбуџет за 2026, увертира во реалниот буџет што ќе ни стигне на маса во април, мај или јуни. Дали дефицитот на буџетот е вистина 3,5 отсто или 7 отсто или е многу повисок? Дали во проекциите за јавниот долг во 2026 навистина ќе бидат под 60 отсто или вистинскиот јавен долг ќе биде над 70 отсто?“,
праша тој.
При носењето на одлуката за линеарно зголемување на пензиите, вели дека во Собранието укажувал дека буџетскиот дефицит во ПИОМ од 31 отсто се зголеми на 48 отсто.
„Морате на пензионерите, морате на сите млади, на сите генерации да им кажете дека зафаќањето што го правите со линеарното зголемување, наспроти усогласувањето методолошки предвидено, нешто што ќе донесеше повеќе пари кај пензионерите, а не само линеарно за сите, цената е дека за три години пензискиот фонд ќе биде неодржлив“,
рече Битиќи коментирајќи го предлог-буџетот на власта.
Го оцени негативно штотуку скроениот буџет на Владата нарекувајќи го октроиран.
„Овој буџет, и тоа како е различен од сите претходни буџети, независно дали ги носела ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, поради две причини. Прво, тоа е прв буџет во историјата што се носи на октроиран, односно наметнат начин, и второ, направен е преседан со намалување на капиталните инвестиции за 15 отсто“,
изјави тој.
Според него, Владата не прави никакви реформи, туку на сметка на тоа се трупаат партиски вработувања.
