Дел од дебатата на која учествуваше претседателот на Кривичниот суд Скопје, Иван Џолев, беа и судијата Владимир Туфегџиќ и обвинителката Фатиме Фетаи. Зборуваа за тоа што може да се направи за да се спречи предметите да застаруваат и да се враќаат на почеток. Според Туфегџиќ, би требало да се овозможи новиот член на судечкиот совет да се запознае со тоа што претходно се изведувало на судењето, надвор од главната расправа и потоа судењето да си продолжи таму каде што застанало. Фетаи, пак, посочи дека има работи кои може превентивно да се преземат без никакви законски измени, меѓу нив и подобар план за работа на судовите и нивните претседатели
Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, на денешната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“, како што пренесоа повеќе медиуми, излезе со став дека вина за лошата перцепција имаат и медиумите, затоа што пишуваат за корупцијата во судството, како и дека нема само корумпирани судии и обвинители, туку и граѓаните се такви.
„Не може само да протежираме дека се корумпирани функционерите, а граѓаните не се корумпирани. Па, јас ќе ви кажам, мене ми пристапуваат голем број луѓе кои самите велат – ’еј слушај, дај за оваа работа, вака-така‘, викам ’ајде, ве молам‘. Меѓутоа, така размислува нашиот граѓанин, дека тој за нешто треба да даде бакшиш“,
рече Џолев на дебата што ја организираше Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси.
Според него, потребна е кампања за да се охрабрат и судиите и обвинителите да пријавуваат случаи кога граѓаните нудат мито.
Критиките кон судството Џолев вели дека не ги доживува како критика само на судиите професионалци, туку ја доживува како критика на самото општество, на граѓаните, бидејќи и тие учествуваат во носењето на одлуките преку поротниците.
„Тие учествуваат во иста мера во носењето на судските одлуки, како и судиите професионалци, да не кажам дека нивното влијание е дури и поголемо, отколку на судиите професионалци. Така што, оваа критика, апсолутно, може да се разбере и како самокритика“,
рече Џолев.
Во однос на медиумите, тој се пожали и дека не се пишувало за успесите во судството.
„Никаде не зборуваме за успесите. Во едно време на пандемија, која трае две години, во нашиот сосед Грција судовите се под клуч. За разлика од нив, овде се суди и инсистираме да дојдеме до правдата и да се завршат предметите. Во овој период се завршија голем број предмети. Никаде нема пофалба, и не е убаво сами да се фалиме“,
рече судијата Џолев, пренесе МИА.
Покрај со Грција, тој направи споредба и со Франција. Конкретно со случајот „Шарли Ебдо“ од 2015 од една страна и експресната пресуда кај нас за случајот „Двојник“ со издавањето фалсификувани пасоши на криминалци.
Џолев зборуваше и за резултатите од анкетата на ИРИ, која смета дека е добра вест, затоа што ако пред една година сме зборувале за доверба од четири проценти во судството или обвинителството, таа сега е над 20 отсто што, според него, покажува дека се движиме на добар пат.
„Во едно целосно биполаризирано општество добро е ако стигнете до 50 проценти доверба. Тоа е одлично и ние сме сега на половина пат, од она што јас би го нарекол одлично“,
рече Џолев.
Што може да се направи да се спречи застарувањето и враќањето на предмети на почеток?
Дел од денешната дебата беа и судијата од Кривичен, Владимир Туфегџиќ, и поранешната обвинителка во СЈО, а сега во Вишото скопско обвинителство, Фатиме Фетаи, кои меѓу другото зборуваа и за тоа што може да се направи за да се спречи предметите да не застаруваат и да не се враќаат на почеток.
Примери за враќање на „крупни“ предмети на почеток, изминативе денови имаше повеќе откако Судскиот совет го разреши судијата Горан Бошевски и констатираше престанок на мандатот на поротниот Митко Сандев. Предметите, во кои тие беа дел од судечкиот совет, сега би требало да се вратат на почеток, а меѓу нив се и „Титаник“, „Тендери“, Талир 1“, „Талир 2“, „Топлик“ …
Судијата Туфегџиќ смета дека треба да се овозможи новиот член на судечкиот совет да се запознае со тоа што претходно се изведувало на судењето, надвор од главната расправа и потоа судењето да си продолжи таму каде што застанало.
„Со оглед дека постапката се прави токму поради промена на член на судечкиот совет, во таа насока, според мене, треба да се дозволи по барање на претседателот на судечкиот совет му се продолжи мандатот до завршување на постапката во сложен кривичен предмет или да се овозможи на новиот член на судечкиот совет да биде запознаен пред сè со материјалните докази надвор од главната расправа. По однос на вербалните докази (исказите на сведоците), за што јас се согласувам дека непосредното забележување влијае на градењето на одлука на новиот член на Судечкиот совет, и во таа смисла, доколку тој не инсистира на таква работа да се дозволи тие да се изведат одново со читање“,
рече Туфегџиќ, пренесе државната агенција МИА.
Како уште едно можно решение, Туфегџиќ го посочи зголемувањето на границата која постои сега за надлежно постапување на судија поединец и тој да суди кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од не повеќе од пет години, со што ќе се растовари судот.
Обвинителката Фетаи, пак, посочи дека сите сме сведоци на одново и одново започнување на значајни предмети, особено на тие од поранешното СЈО, и затоа треба да се размисли за законски измени, но, рече таа, има работи кои може превентивно да се преземат без никакви законски измени.
„Пред да дозволиме сите битни предмети да ни застарат, чекајќи да најдеме решение што да се прави кога мандатот на поротниот ќе заврши или исполни услови за пензија, сметам дека од страна на судиите и претседателите на судиите треба превентивно да се преземат мерки, кои не бараат никакви законски измени, туку бараат добар план за работа. Тоа значи кога ќе се прими предмет, треба да се види кога застарува и колку обвинети има и на тој начин да се даде приоритет на предметот, како и при одредување на судечкиот совет да се види возраста на човекот кој се става за судија поротник, за тој да може да се заврши пред да се пензионира. Друга можност, е и ставање на судија поротник за резерва, со цел да не се случи враќање на предметот од почеток, доколку некој судија поротник биде спречен да учествува“,
изјави Фетаи, пренесе МИА.
Можна корупција во предметите кои застаруваат и долго траат
На дебата зборуваше и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, која смета дека токму кај застарувањето на предметите може да се најдат елементи на корупција и затоа не е доволно само разрешување поради нестручно и несовесно работење, туку потребно е детално постапување и објаснување зошто некој е разрешен
„Сите ние се прашување зошто некој судија е разрешен, зошто нема некои подетални објаснувања за неговото разрешување. Самата констатација дека станува збор за несовесно и нестручно работење за мене не е доволна. Токму, кај застареноста на одредени постапки или долготрајноста на постапките може да се најде елемент на коруптивност, тоа е работа на органите коишто треба да го испитуваат тоа и да го вршат прогонот“,
изјави Николовска, пренесе МИА.
Таа нагласува дека секоја индиција за корупција треба да се испита, а не само кога има застарување.
„Преку сите тие индиции може да се дојде до одредени докази. Па и ако нема одговор на одредени прашања, каде одреден судија вели ’не знам од каде ми е имотот‘, од каде може да не знае? Тоа се работи коишто апсолутно не треба да се прифатат и апсолутно може да се откријат. Во таква една ситуација ќе се олесни работата и на Антикорупцијата и на постапувањето на МВР, Обвинителството и на крај судството за да се направи дистинкција меѓу оние условно речени коруптивни судии и оние кои се чесни во работата“,
изјави Николовска.
