Политичките партии на дневно ниво постојано се критикуваат за состојбата со коронавирусот во земјава
Владејачката партија СДСМ обвини дека министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, ги игнорира бројните прекршувања на забраната за движење, а тоа е директна опасност по јавното здравје. Од друга страна, пак, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со Комисијата за заразни болести манипулира со бројот на заболени од коронавирусот.
СДСМ вели дека целата јавност преку медиумите сведочи како низ многу општини воопшто не се почитува забраната за движење, а полицијата тоа го игнорира и воопшто не постапува. Тие велат дека Сарај, Чаир, Даме Груев, Тетово се само дел од општините и населбите каде масовно се прекршува полицискиот час додека полицијата на Чулев не презема ништо.
„Уште еднаш се докажа дека Чулев е најнеспособниот министер за внатрешни работи. Нему му е поважно да ги брани прекршувањата сторени од неговиот шеф Христијан Мицкоски отколку да воспостави ред во почитувањето на мерките и задолженијата. Таквиот несериозен и незрел однос е закана по здравјето и сигурноста и најмалку што може тој да стори е да поднесе оставка веднаш“,
велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека фалат реални чекори за справување со кризата од ковид-19, а се случува и вистински хаос со тестирањето на новозаразени. Тие велат дека отворено се сомневаат оти Комисијата за заразни болести и министерот Венко Филипче манипулираат со бројот на новозаразени.
„Доволен доказ за тоа беа случаите што ги спомнав пред само два дена за градовите Штип и Велес каде што во Штип, Филипче се обиде да скрие 13 новозаболени, а во Велес 2. За ова говорат секојдневните различни бројки кои се лиферуваат токму од Министерството за здравство како и филувањето на пикот којшто се разблажува со тоа што новозаразените од еден ден се кажуваат низ повеќе денови“,
рече портпаролот на партијата, Димче Арсовски.
Тој вели дека сега борбата е префрлена во борба со бројки, наместо во борба против заразата.
„Да не се дрзнуваат помалку да тестираат ниту пак да ги релативизираат работите. Македонија има за жал неславна статистика на 1 милион жители и за жал сме предмет на потсмев на сите во регионот бидејќи сите ја победија заразата, само Република Македонија не. За жал, тоа е заради неспособната влада“,
вели Арсовски.
