Откако по вчерашната лидерска средба СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со различни ставови кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, двете најголеми партии и денеска продолжија со меѓусебни обвинувања.
За владејачкиот СДСМ, Христијан Мицкоски се плаши од волјата на граѓаните на избори.
„Исплашен од изборен пораз Христијан Мицкоски продолжува да се однесува крајно неодговорно и незрело. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прават сè само за да не се соочат со волјата на граѓаните. За Мицкоски, не значат ништо заклучоците од комисијата за заразни болести ниту, пак, потврдниот одговор на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, дека е подготвена да го набљудува одржувањето на вонредните парламентарни избори“,
велат од СДСМ.
Мицкоски, велат социјалдемократите, отиде дотаму што се дрзна свесно да ја лаже јавноста и ја посочи Словачка како земја без функционални институции иако оваа земја ги одржа изборите.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека Зоран Заев брза да излезе на избори за да го ублажи поразот.
„За три дена во Македонија бележиме црн биланс од 77 заболени и 7 починати лица. Тоа покажува дека здравствените предизвици од корона епидемијата не само што не се надминати туку се одржуваат на загрижувачко ниво. Заев, Филипче и СДСМ наместо да се справуваат со опасноста по здравјето и животите на граѓаните, како прв приоритет им се брзи избори за да го ублажат поразот. Недозволиво е кариерата на Заев да биде побитна од животот на макар еден човек“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ја обвинуваат власта и дека сред епидемија прави изборен поткуп, дели концесии за марихуана, спроведува сомнителни тендери.
