Владејачката партија СДСМ смета дека пакетот мерките за финансиска помош во време на корона-кризата се добри, додека пак опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека и граѓаните и стопанствениците мака мачат со зголемени давачки кон државата.
Коста Петров од СДСМ вели дека исплатата на компаниите се прави редовно, секој работен ден, како што се завршуваат административните процедури, започнувајќи од 15 април кога се исплатија првите средства од оваа кредитна линија.
„Заклучно со 7 мај, од одобрените 631 кредитни апликации за ‘Ковид 1’ бескаматната линија од 4,7 милиони евра, се исплатени вкупно 2,2 милиони евра за 257 компании кои вработуваат 3 006 лица, односно 41% од одобрените апликанти. За бескаматната кредитна линија ‘Ковид 2’ од 8 милиони евра, која беше отворена и за која пријавите сè уште се во тек, веќе аплицирале над 2 400 компании“,
рече Петров на денешната прес-конференција.
Според него, бројките кажуваат дека секоја трета компанија има аплицирано за финансиска помош до 14 500 денари за исплата на плата по вработен.
„Економскиот совет на СДСМ во моментов работи и на нов пакет мерки за директна поддршка за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка. Ние веруваме и дека секоја криза е и нова можност. Веќе гледаме како некои индустрии се добри примери кои видоа можности и ги искористија во оваа криза. Текстилните компании направија брза адаптација, па така извозот на маски, скафандри и друга заштитна опрема е речиси за 300% поголем со април минатата година, април 2020 изнесува 390 милиони денари, а април 2019 изнесува 135 милиони денари“,
вели Петров.
Според него, мерките на Владата предводена од СДСМ даваат резултати и за тоа се повикува на проекции од Светската Банка според кои се проценувало дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека СДСМ само се фали со успешноста на мерките, додека граѓаните не знаат како да го поминат месецот, а стопанствениците мака мачат со зголемените давачки кон државата.
„Македонија се соочува со најголемата економска криза од осамостојувањето до денес, криза предизвикана од светската пандемија. Првичните анкети велат дека над 100 илјади наши сограѓани добиле отказ или привремен отказ и останале без приход, а владата на СДСМ наместо да се погрижи за граѓаните троши илјадници евра на непродуктивни трошоци на скапи јадења и службени патувања. Додека Заев ги брои милионите од криминалните тендери, грантови и рекетот, народот очајува. Лажните вести за успешноста на политиките на СДСМ не минуваат, бидејќи само граѓаните знаат како го преживуваат месецот. Народот ќе го казни човекот кој го пцуе и навредува, народот ќе го казни Заев и СДСМ за криминалот и корупција, за тоа што ветуваа брда и долини, а заборавија на него кога му беше најтешко“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
