По трите телеграми од министерот Наќе Чулев кои се однесуваа на враќање на возила во МВР, за укинување на наредбите за извршување задачи и за неврачување на решенијата за распоредувања потпишани од претходникот на Чулев во министерството, Оливер Спасовски, двете најголеми партии и денеска излегоа со реакции.
„Со телеграмата за укинување на наредбите за извршување задачи, Чулев создава недостаток на полицајци за обезбедување и директно ја загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има законска обврска да ги обезбедува, како и амбасадите на неколку држави, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ и други.Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата“,
изјави денеска пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска – Ванчева.
Таа смета дека ваквото загрозување на безбедноста е кривично дело, а постапките на Чулев покажуваат дека ништо е сменето во ВМРО-ДПМНЕ каде сè уште се кадри под контрола на Никола Груевски.
Од спротивниот табор, пак, излегоа со обвинувања дека Зоран Заев, Оливер Спасовски и Славјанка Петровска, која е дополнителна заменик-министер во МВР, се плашат од тоа што се сменети сомнителни ликови во МВР и порачаа дека по изборите на 12 април почнуваат вистинските реформи во министерството. Во денешната прес-конференција од опозицијата се осврнуваат на возилата, за кои Чулев побара да се вратат поради несоодветно користење.
„Заев, Спасовски и Петровска се во паника бидејќи веќе не може да се потпрат на услугите на Примислав Димовски кого си го назначија за началник на интервентната единица. Димовски е познат по тоа што дебело си ја наплати својата соработка со криминализираното СЈО. Дали и тој е вмешан во рекетот треба да се докаже истрагата, но Димовски освен платата од МВР зел и 40.000 евра за услугите кон Катица Јанева. Заев, Спасовски и Петровска се во паника затоа што се гледа дека Лазе Евридики, не е единствениот кој полициските службени возила ги злоупотребувал за лични потреби. Лазе ќерката си ја развозуваше по грчки кампови, а за соработниците на Спасовски не се знае ниту каде ги управуваат возилата“,
рече Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој од прес-конференција порача дека „доаѓа времето на професионализација и на вистинска борба со криминалот“.
Поврзана вест: Телеграмата на министерот Чулев ја оставила еден час без обезбедување куќата на премиерот Спасовски?