Посочуваат дека 38 возила се ставени во функција на гаснење на пожарите, а државата првпат добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила на гаснење на шумски пожари
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира на обвинувањата од Социјалдемократскиот сојуз дека власта покажала неподготвеност во справувањето со пожарите што изминатите неколку дена зафатија дел од територијата на земјата.
Оттаму велат дека за разлика од порано, кога државата во летните периоди беше во пламен, сега се преземаат чекори и се реагира веднаш.

„СДС повторно бесрамно лаже во врска со пожарот што се случи во текот на вчерашниот ден во Чучер Сандево. Беа на власт седум години и наместо да се позанимаваат со набавка на возила, модернизација или да се покрене некој чекор за борба со огнените стихии, гледаа од каде тендер да наместат и да ќарат провизии“,
се вели во соопштението од владејачката партија.
Посочуваат дека 38 возила се ставени во функција на гаснење на пожарите, а државата првпат добива интервентна пожарна со 50 специјализирани возила на гаснење на шумски пожари.
„Армиските и полициските возила се пренаменети и ставени на располагање на Владата и на Дирекцијата за заштита и спасување со цел зголемување на капацитетите за справување со пожарите во земјава. Со нивната пренамена државата заштедува неколку десетици милиони евра, а се зголемуваат капацитетите во борбата против пожарите. На располагање се и по два полициски и армиски хеликоптери“,
пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Се посочува дека и по 400 евра за 400 невработени се предвидени за сезонски работници за борбата со пожарите.
„Имаме план, Македонија ќе ги зачува белите дробови“,
велат оттаму.
СДСМ денеска ја обвини Владата за катастрофална неподготвеност и импровизација во справувањето со шумските пожари, оставајќи ги граѓаните сами да се борат со огнената стихија.
Минатата година, како што велат од опозицијата, изгореле речиси 10 отсто од територијата на државата, а вината тогаш била префрлена на претходната влада.
Оттаму додаваат и дека за време на нивниот седумгодишен мандат изгорела многу помалку шума отколку за само една година под власт на ВМРО-ДПМНЕ.