Министерката за култура информира дека рокот за пријавување на конкурсот за 2022 година почнува од денеска и ќе трае до 6 ноември
Од денеска до 6 ноември е рокот за пријавување на годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен бидејќи оваа година првпат аплицирањето ќе се одвива преку електронски пат, соопшти министерката за култура Ирена Стефоска.
„Со тоа ставаме крај на долгогодишните недостоинствени редици пред Министерството за култура, за што во оваа можност ви се извинувам. Електронската апликација е направена на што е можно поедноставен начин. Освен тоа, направивме обуки во центрите за култура во повеќе градови и во градот Скопје“,
информира министерката за култура.
Стефоска потенцира дека со електронското аплицирање целиот процес, од пријавување до изготвување решение, се забрзува и се кратат два месеца.

„Со испраќање на апликацијата, секој корисник добива архивски број. Со тоа, се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за 10 000 работни часа, или за целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите“,
рече Стефоска
За споредба, министерската посочи дека на минатиот конкурс добиле 6 000 пријави, кои поединечно и рачно биле заведени во архивата и проверувани дали се комплетни и дали соодветствуваат на поставените услови по дејности.
„Така минуваа шеесет дена само за таа процедура. Досегашното конкурирање е минато. И сè што направивме го направивме во полза на културните работници кои се пријавуваат на конкурсот,“
изјави Стефоска.
Според неа, особено е важно што електронската апликација ја елиминира можноста од злоупотреба, односно да се менуваат или додаваат документи откако аплицирањето е завршено.
„Со тоа го елиминираме секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување“,
истакна Стефоска.
Таа извести дека на веб-страницата на Министерството за култура се објавени општите услови за аплицирање за секоја дејност и со колку проекти може да се конкурира. Информира и дека е поставено видеоупатство за постапката за аплицирање на македонски и на албански јазик, а достапни за објаснување ќе бидат и лица од Министерството, чии броеви се објавени на веб-страницата.