Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека годинава очекува да се потрошат околу 150-160 милиони евра за оваа намена назависно што наесен доаѓаат локални избори

360°: Најавен е ребаланс на буџетот кон крајот на јуни, што е малку порано од вообичаено. Дали само изборите се причина за тоа?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Само изборите се причина, побаравме еден распоред или една табела како би требало да се одвиваат деновите во Собранието и иако мојот предлог беше некаде околу 10 јули да се најде ребалансот во Собранието, сепак, нема да има простор да се усвои пред изборите и поради тоа го поместивме малку порано, затоа што кога ќе пресметате по колку дена треба да се дискутира на комисија по амандмани – значи дека би требало околу 20, најдоцна 25 јуни, ребалансот веќе да се најде во Собранието.
360°: Во која насока ќе оди ребалансот?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Премногу е рано да зборуваме затоа што овој пат ќе имаме многу подетални разговори со надлежните институции во секој еден сегмент и затоа да почекаме да видиме, па ќе зборуваме за ребалансот.
360°: Зошто премиерот ги спомнува проектите за општините како една од причините поради кои порано треба да се направи ребаланс?

Гордана Димитриеска-Кочоска: Да, ќе имаме една мини-прераспределба само за проектите на општините. Зошто го зборува тоа, затоа што овој цел проект, или да го кажеме целиот концепт, не можеше однапред да се предвиди и која институција за колку од тие 15 милијарди ќе се вклучи. На пример, ние кога го подготвувавме буџетот за 2025 г. не знаевме колку од општините имаат проекти за инфраструктура или колку проекти имаат за Министерството за животна средина или, пак, за Министерство за образование, или за детски градинки, или за социјала. Така што, средствата се предвидоа во рамки на „функции на држава“. Сега откако веќе би требало ова недела да прецизираме точно каков бил интересот на општините и колку е интересот за транспорт, колку е интересот за животна средина, на тој принцип ќе ги прераспределиме парите од „функции на држава“ точно во соодветно министерство.
360°: Имавте околу 70 до 80 милиони распоредено по ресори за таа намена досега, а велевте дека другите пари ви се во „функции на државата“?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Годинава имаме точно 100 милиони евра прераспределени затоа што отприлика гледавме дека најголем е интересот за Министерството за транспорт. Еве, минатата година од 4 милијарди и 700 милиони, отприлика толку проекти беа спремни и готови, а некаде околу 4 милјарди и 200 милиони, грубо кажано, беа за инфраструктурни проекти од Министерството за транспорт.
360°: И овде инсистиравте на тоа дека ќе плаќате по реализација. Имате ли груба бројка – колку до овој момент пари се реализирани за инфраструктурни проекти за општините?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Околу 370 милиони денари, со тоа што мора да го објасниме начинот…
360°: Зборуваме за од стартот на проектот или од почетокот на годинава?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Од почетокот на годината се 345 милиони. Помалку имаше минатата година, годинава се 345 милиони, од кои најмногу се за транспорт – околу 275 милиони денари.
360°: Значи, тоа се вкупно 60 милиони евра, грубо кажано?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Не, тоа се отприлика шест милиони евра. Но, ова е она што е платено. Јас не ги знам поединечно.
360°: Досега се платени шест милиони евра.
Гордана Димитриеска-Кочоска: Така, досега се платени шест милиони евра. Меѓутоа, затоа и потенцирам – ние може да имаме повеќе завршена работа на терен. Знаете, додека се потпишат документите, додека да стигне за исплата, рокови има некаде од 30-45 до 60 дена, не ги знам како се договорите бидејќи тие се во одговорност на ресорните министерства штом доаѓаат како и…
360°: Тоа не ли е малку, министерке, само шест милиони?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Со оглед на тоа дека имавме зимски период – не. Не, затоа што инфраструктурните се најмногу, зима беше, ладно беше.
360°: Колку очекувате дека ќе потрошите годинава, бидејќи вие велите дека имате предвидено 15 милијарди денари, односно 250 милиони евра. Колку ќе потрошите од тие?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Оваа година некаде би требало од девет до десет милијарди денари. Тоа се отприлика 150 до 160 милиони евра, зашто сите проекти не се едногодишни. Детска градинка нема да изградите за една година, така што ви треба подолг временски период.
360°: Изборите ќе ве закочат. Ќе успеете ли да ги трошите парите зашто ако сега се само шест милиони, до 150 е многу голема разлика?
Гордана Димитриеска-Кочоска: Значи, имаме ситуација, беше зимски период во кој не можеше да се работи. Зборувам што е платено заклучно со крајот на април. Меѓутоа, вие ако сте работеле во април, тогаш стигнува фактурата во мај, а таа додека да стигне кај мене за јас да ја платам, ќе дојде јуни. Ама работите се завршени во април и затоа сега е многу дискутабилно сметководството, да кажам буџетско, такво си е што евидентира само плаќање, а не евидентира она што е изреализирано на терен. Но, активно се работи на терен, според информациите што ги имам.