И покрај реакциите на Здружението на новинарите на Македонија, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на СР Германија, претседателот на Собранието вели дека е убеден оти процедурата е испочитувана максимално. Тој додаде и дека разговарал со овие „меѓународни организации, фактори и амбасади“ за, како што кажа, наводи и новинарски написи кои секогаш не се целосно издржани
Ние имаме мнозинство, но во Собранието ретко се присутни над 80 пратеници, особено од мнозинството и сите пратеници од заедниците кои треба да гласаат за тоа, бидејќи за тоа треба т.н. „голем бадентер“ – одговори претседателот на Собранието, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, на прашањето зошто седницата беше прекината токму кога точката за предлог-составот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги стигна на дневен ред.
И покрај реакциите на Здружението на новинарите на Македонија, Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на СР Германија, Гаши вели дека е убеден оти процедурата е испочитувана максимално. Тој додаде и дека разговарал со овие „меѓународни организации, фактори и амбасади“ за, како што кажа, наводи и новинарски написи кои секогаш не се целосно издржани.
За Нафије Селмани, една од седумте предложени кандидати и поранешна сопартијка на Гаши, претседателот на парламентот вели дека еден човек не треба да биде етикетиран доколку во одреден период од животот бил дел од политичка партија.
Гаши: Ако ја видите Нафије Селмани како последните години нè критикува и мене лично и мојата партија, таа не е човек за кој може да заклучите брзо, дури јас ви тврдам дека не е тоа партиско решение…
360°: Но, нели таму треба да има луѓе кои имале искуство со ТВ, радио…
Гаши: Јас мислам дека Нафије Селмани работи долго време во делот за односи со јавност во Град Скопје, така што не може да го минимизирате тоа.
360°: Односи со јавност не е новинарство, тоа е различно, како црно и бело.
Гаши: Мислите дека во Советот треба да бидат само новинари?!
Тој вели дека е добро што по долго време ќе има нов состав на Советот и оти Собранието, Владата и сите политички чинители треба да вршат постојан надзор и притисок врз тоа тело во иднина.
„Јас не сакам да глумам адвокат никому, само мислам дека од аспект на Собранието, процедурата е испочитувана. Пребрзо расудуваме, да не прејудицираме туку да дадеме шанса. Добро е да ги следиме и ако Советот не ги исполнува своите цели, треба да ги отповикаме“,
рече Гаши.