Во своето обраќање на форумот во Давос, украинскиот претседател порача дека Европа треба да научи како целосно да се грижи за себе, така што светот да не може да си дозволи да го игнорира тоа
Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека најмалку 200 000 сојузнички војници ќе бидат потребни за да се спроведе каков било мировен договор за неговата земја, притоа повикувајќи ја Европската Унија дека мора да се етаблира како глобален играч по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Говорејќи на Светскиот економски форум во Давос, Зеленски рече дека европските лидери не треба да се прашуваат што ќе направи Трамп следно и, наместо тоа, треба да преземат колективни чекори за да го одбраната својот континент во време кога тој е под агресивен напад од Русија.
„Европа мора да се етаблира како силен, глобален играч, како незаменлив играч“,
рече украинскиот претседател во своето обраќање во Давос.
Во тој контекст украинскиот претседател се осврна на учеството на севернокорејски трупи на страната на Москва во војната против Киев наведувајќи дека борбите се водат во регионот Курск во западна Русија, близу источната граница на Украина.
„Да не заборавиме дека нема океан што ги дели европските земји од Русија. Европските лидери треба да запомнат дека овие битки во кои учествуваат севернокорејски војници сега се случуваат на места кои географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“,
рече тој.
Тој, исто така, сподели детали за тоа како, според него, би можела да функционира меѓународната мировна операција што би овозможила постигнување договор меѓу Киев и Москва. За такво нешто, Зеленски рече дека ќе биде потребна голем контингент војници.
„Од сите Европејци? 200 000, тоа е минимум. Тоа е минимум, инаку не е ништо“,
рече тој.
Украинскиот претседател ја отфрли можноста за намалувањето на бројноста на армијата на земјата на една петтина од актуелната бројка од 800 000 војници, што е едно од барањата на Кремљ.
„Тоа е она што тој (Путин) го сака. Нема да дозволиме да се случи тоа“,
рече Зеленски.
Тој додаде дека неговиот тим работи на организирање средба со американскиот претседател Доналд Трамп, кој уште во изборната кампања најави брзо ставање крај на конфликтот.
Говорејќи по неговата инаугурација во понеделникот, Трамп рече дека Владимир Путин ја уништува Русија и треба да се согласи на договор за мир.
Зеленски од Давос порача дека каков било договор за прекин на огнот зависи од западните безбедносни гаранции. Најдобрата гаранција, како што рече, е членството на Украина во НАТО, што го поддржуваат повеќето европски земји членки, но на што се противат САД, Германија, како и проруските влади на Унгарија и Словачка.
Во последните недели Зеленски имаше разговори со неколку европски партнери за можна мировна мисија, вклучително и со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, кој го посети Киев минатата недела. Имаше разговори и со Полска и балтичките земји.
Во своето обраќање во Давос, Зеленски ги повика земјите од ЕУ да трошат повеќе на технологијата и одбраната, особено во производството на беспилотни летала и модерни системи за противвоздушна одбрана. Тој рече дека Русија мобилизирала 600 000 војници во Украина и може да собере 1,5 милиони луѓе, сила која е неколкупати поголема од која било поединечна европска национална армија.
„Сите ние треба да се обединиме. Европа треба да научи како целосно да се грижи за себе, така што светот да не може да си дозволи да го игнорира тоа“,
рече тој.
Киев долго време тврди дека ако Путин победи во војната во Украина, тој ќе продолжи да напаѓа други нации.
Според Зеленски, Русија е трансформирана во воена економија и ја надминува Европа во оваа смисла. Оставен неконтролиран, Путин ќе се врати со 10 пати поголема армија од сега и ќе ги проголта независните држави кои порано му припаѓаа на Советскиот Сојуз, рече украинскиот претседател.