Ана Поула Закаријаш, чија земја на 1 јули ќе го предаде ротирачкото претседателство со ЕУ , очекува дека Словенија ќе помогне да се најде решение за проблемот со С Македонија и нагласува дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и дека не треба да се внесуваат несогласувања во ЕУ
Министерката на Португалија за Европа, Ана Поула Закаријаш, во разговор со новинари во Лисабон, изрази надеж дека изборите во јули во Бугарија ќе донесат решение за ветото за започнување на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија, пренесува Бугарското национално радио (БНР).
Министерката Закаријаш, чија земја на 1 јули ќе го предаде ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, очекува дека Словенија, како претседавач во наредните шест месеци и како земја од регионот, ќе помогне да се најде решение за проблемот со С Македонија. Но, според она што го пренесува БНР, таа истакнала дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и нагласила дека не треба да се внесуваат несогласувања во ЕУ.
Закаријаш ја опишала дебатата меѓу двете земји како „тешка“ и истакнала:
„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.
Министерката Закаријаш рекла дека ова е „важен момент“ за да не се внесат несогласувањата меѓу двете земји во ЕУ.
„Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме. И важно е да не се внесат несогласувања или проблеми меѓу двете земји во ЕУ. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската Унија. Мораше да ѝ дадеме време на Бугарија да го реши ова со Северна Македонија пред да ја свикаме меѓувладината конференција“,
изјавила португалската министерка.
Таа истакнала дека и Бугарија била под притисок да најде компромис.
„Тука има рамнотежа, затоа извршивме притисок и врз Бугарија, со тоа што ставивме добар предлог на маса – да го разгледаме, да видиме дали може да профункционира. Ние, исто така, работиме и со Северна Македонија и се обидуваме да видиме дали ќе дојде време кога ќе можеме да се согласиме за ова. Но, овој притисок, сепак, има граници“,
вели Закаријаш.
На новинарско прашање дали е реално да се очекува дека изборите во Бугарија ќе ја променат оваа позиција, министерката Закаријаш одговорила:
„Она што го чувствувам е дека времето не беше соодветно. На Бугарија ѝ требаше повеќе време да разговара за овие прашања. Дали ќе има избори или не, верувам дека преговорите со Северна Македонија мора да продолжат, особено во однос на патоказот, кој мора да биде јасен. Двете земји се обидуваат да го искажат својот став – Бугарија секогаш велеше дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, напротив, таа сака да биде таму. Но, додаде дека треба да има јасност во некои аспекти. Затоа понекогаш е потребно повеќе време, поголема претпазливост и дебатата треба да продолжи. Сигурна сум дека нашите колеги од Словенија, кои се од истиот регион, секако, можат да го поддржат овој процес и да помогнат да се придвижи со сите сили. Мислам дека нашите напори беа ценети и од Бугарија и од Северна Македонија. Но, потребно е време помеѓу балансирање на притисокот што го ставаме и разбирање на ситуацијата што треба да се постигне. Како претседателство, сакавме да ја кажеме оваа точка, но треба да ги разбереме околностите“.
Државниот секретар на Португалија за европски прашања Ана Паула Закаријаш изразила надеж дека изборите во Бугарија на 11 јули ќе доведат до решение на ситуацијата.