Главната цел на оваа мерка, како што рече Кондарко, е да се зголемат транспарентноста и ефикасноста во работата на избирачките одбори, а со тоа да се забрза составувањето на записниците и побрзото тековно објавување на изборните резултати

Државната изборна комисија (ДИК) донесе одлука со која им наложи на сите избирачки одбори да присуствуваат во полн состав, односно петте члена и петте заменици, на процесот на броење на гласовите по 19 часот. Ова го соопшти претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на денешната прес-конференција.
Главната цел на оваа мерка, како што рече Кондарко, е да се зголемат транспарентноста и ефикасноста во работата на избирачките одбори, а со тоа да се забрза составувањето на записниците и побрзото тековно објавување на изборните резултати.
„Дадени се насоки и донесена е одлука од ДИК, сите избирачки одбори на процесот на броење на гласањето по 19 часот да присуствуваат во полн состав, тоа значи сите пет члена и сите пет заменици, заради поголема транспарентност, контрола и ефикасност и забрзување на процесот на броење и составување на записниците“,
рече Кондарко.
Претседателот на ДИК истакна дека ова е особено важно за Градот Скопје, каде што гласачите во десетте општини користат четири гласачки ливчиња. Инаку, во сите други општини се гласа на две ливчиња – за градоначалник и за советници.
Кондарко предупреди дека, објективно, објавата на резултатите на локалните избори секогаш оди нешто побавно поради тоа што има поголем број гласачки ливчиња.